logo
logo
logo

Институт за хуманистички науки: Западен Балкан да го искористи моментот за евроинтеграции

Vecer | 10.07.2024

Институт за хуманистички науки: Западен Балкан да го искористи моментот за евроинтеграции

 ЕУ, пак, треба да воведе потпретседател на Комисијата за проширување кој, меѓу другото, би придонел за решавање на билатералните спорови кои го забавуваат пристапувањето на регионот, сметаат аналитичарите на Институтот за хуманистички науки (IWM).

Во студијата „Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: Каде има волја, има и начин“ се истакнува дека кандидатите и потенцијалните кандидати за ЕУ од Западен Балкан треба да ја искористат историската прилика со повторното фокусирање на проширувањето поради избувнувањето на војната во Украина.

„Тие мора брзо да се опорават од сопствениот замор од проширувањето, да покажат јасна посветеност и вредно да работат на исполнување на Копенхашките критериуми и барањата од правните тековини,“ се наведува во студијата на виенскиот Институт за напредни студии во хуманистичките и општествените науки.

Истовремено, лидерите од регионот треба целосно да се ангажираат во обновената дебата за проширување и да настојуваат да говорат „со еден глас“. Тие исто така треба да ги поддржуваат политиките кои би им го олесниле процесот на пристапување, како воведувањето гласање со квалификувано мнозинство во меѓуфазите на процесот.

Се наведува и дека ефективната соработка со Украина и Молдавија би можела да го зголеми влијанието на Западен Балкан, правејќи го уште позначаен.

„Земјите од Западен Балкан треба да бидат обединети во напорите за евроинтеграции бидејќи успехот на една земја несомнено ќе користи на сите. Тој дух на солидарност може да послужи и како позитивен пример за соседните земји членки на ЕУ,“ наведуваат авторите.

Од друга страна, новата Европска комисија и Европскиот совет треба да испратат јасна порака и да донесат политичка одлука за прифаќање нови членки од Западен Балкан и од Источното соседство во временски рок на новиот повеќегодишен буџет.

Исто така, авторите на студијата сметаат дека во новата Комисија позицијата на комесар за соседство и проширување треба да биде преименувана и подигната на ниво на потпретседател за политика на проширување и нови пристапувања.

Задачата на новиот потпретседател на Комисијата би била да најде нови инструменти и принципи на политики кои ќе обезбедат ЕУ да има асертивна и конструктивна улога во решавањето на билатералните спорови. Тие спорови го онеспособуваат проширувањето и го слабат кредибилитетот на ЕУ на Западен Балкан.

Авторите исто така наведуваат дека Западен Балкан треба да добие јасни сигнали дека проширувањето останува процес заснован на заслуги кој обезбедува исти услови за сите, и покрај забрзаниот процес за Украина и Молдавија кој одразува геополитичка итност во Европа.

Се истакнува и дека усогласувањето на кандидатите со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ треба да стане клучен услов во процесот на пристапување и кандидатите треба да бидат наградени или санкционирани врз основа на тоа.

Во студијата на виенскиот институт се наведува и дека полноправното членство мора да биде цел која ќе даде поттик за реформи, а постепената интеграција (во некои области) не треба да стане начин за одолговлекување, туку да го забрза пристапувањето. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk