На 3 отсто се намалила годишната инфлација во Грција во ноември, наспроти 3,4 проценти еден месец претходно, додека пак цените на прехранбените производи и понатаму остануваат високи, а најголемо зголемување од 31,4 отсто за една година бележи маслото, јави дописничката на МИА од Атина.
Според официјалните податоците од грчката служба за статистика, за една година, од ноември 2022 до ноември 2023 година намалување има на цената на природниот гас за 53,2 отсто, додека пак сите други производи и услуги се поскапи.
Цените на прехранбените продукти за една година се зголемиле за 9 проценти.
Најголемо зголемување има кај цените на маслата и мастите (за 31,4 отсто), овошјето е за 12 проценти поскапо во споредба со лани, зеленчукот за 10,8 отсто, месото за 8,1 проценти, млечните производи и јајцата за 4,8 отсто, лебот и житните производи за 3,3 проценти итн.
Во однос на разликата и промената на цените споредбено со еден месец претходно, во ноември има намалување на цените што е најизразено кај овошјето и зеленчукот.
Инфлацијата во Грција во јануари годинава беше 7 проценти, во февруари 6,1 отсто, во март 4,6 проценти, во април 3 отсто, во мај 2,8 отсто, во јуни дополнително се намали на 1,8 проценти, во јули се зголеми на 2,5 отсто, август 2,7 проценти, во септември беше најниска со 1,6 отсто, во октомври се зголеми на 3,4 проценти, а сега е намалена на 3 отсто. /МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата