logo
logo
logo

„Елиас“ прави хаос во Грција- хеликоптер падна во море, поплавен е Волос (ВИДЕО)

Vecer | 28.09.2023

„Елиас“ прави хаос во Грција- хеликоптер падна во море, поплавен е Волос (ВИДЕО)

Приватен хеликоптер се урна во морето во северна Евија, источно од грчката престолнина Атина, а во тек е операција за пребарување и спасување. Причината за несреќата се уште не е позната.

„Приватниот хеликоптер А-109 беше на пат кон градот Волос и имаше најмалку едно лице во него“, изјави претставник на цивилната авијација, објави Катимерини.

Над 250 лица се евакуирани од областа поради невремето „Елиас“, соопшти денеска противпожарната бригада и додаде дека досега се примени 1.200 повици за помош. Невремето го погоди Волос со толку силен дожд што нивото на водата во градот и неговите предградија нагло се зголеми за неколку часа. Во близина се излеа поток што дополнително ја зголеми поплавата.

Градоначалникот на Волос изјави дека до вчеравечер прекинот на струја предизвикан од невремето и поплавите оставил 80 отсто од градот во мрак. Надлежните ги спречија сите возила да излезат од патиштата.

„Луѓето повеќе не можат да го издржат ова. Тие не можат да го разберат гневот на природата. Заштитете се себеси“, рече градоначалникот Ахилеас Беос, повикувајќи ги луѓето да останат дома.

Утрово невремето се движело кон островот Евија, каде на некои села на северот им било наредено да се евакуираат, објави државната телевизија ЕРТ.

Бурата „Елиас“ е втората голема бура што ја погоди Грција во септември по најсилната регистрирана бура во регионот, именувана како Даниел, што ја зафати три дена претходно.

Многу жители на Волос рекоа дека властите сè уште се справуваат со последиците од Даниел и дека не се соодветно подготвени за ново невреме.

Даниел ја претвори централна Грција во внатрешно море со поплавување куќи и оштетување на патната инфраструктура и фарми во близина на Волос, Кардица и Лариса.

Десетици илјади животни се удавија, а посевите се однесени, додека жителите на поплавените подрачја се уште се обидуваат да се опорават од ударот.

Бурата Даниел, исто така, предизвика хаос низ Медитеранот од Грција до Либија, каде што повеќе од 2.500 луѓе загинаа во големите поплави во градот Дерна.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk