Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, денес ги отфрли обвинувањата од домашната и меѓународната јавност дека извикувањето на усташкиот поздрав на концертот на контроверзниот пејач Марко Перковиќ Томпсон претставува промоција на усташкиот и историскиот ревизионизам.
Во врска со контроверзниот усташки поздрав „За дом спремни“ со кој започнува една од најпознатите песни „Бојна Чавоглава“, кој беше изведен и на концертот во Загреб во саботата, Пленковиќ рече дека тој е дел од интегралниот репертоар на Томпсон и дека концертот на Загребскиот хиподром, на кој, според организаторите, присуствувале повеќе од половина милион обожаватели на Томпсон, не се разликува од оние што пејачот ги имал во последните 34 години.
„Ако нешто е дел од песната, никој нема да ја цензурира или забрани песната, таа е таму 35 години и веројатно ќе биде сто“, рече Пленковиќ, оценувајќи дека прашањата на новинарот за забраната на контроверзниот поздрав во песната биле „ненаместни“.
Тој потсети дека судовите не ја забраниле песната и дека таа „е создадена за време на војната во Хрватска во 90-тите, во времето на агресијата и окупацијата на земјата“, па затоа треба да се гледа во тој контекст.
Во врска со поединечните случаи на употреба на усташки симболи и извици, Пленковиќ истакна дека полицијата ќе ги обработува поединечните случаи, а на повторените прашања од новинарите за усташките симболи што можеа да се видат кај некои од обожавателите на пејачот, тој одговори дека секогаш го осудува она што не е легално.
„Некое големо паничење кај луѓето затоа што се случи сега во однос на изведбата на песна чија содржина во минатото била одлучена од судовите ми се чини малку чудно. Како да сфатиле како изгледаат концертите на Томпсон дури кога се одржа толку голем концерт во Загреб на Хиподромот“, рече Пленковиќ.
Пленковиќ ги нарече критиките на левичарските опозициски партии „Можеме“ и Социјалдемократската партија, кои ветија експлицитно да го забранат усташкиот слоган без оглед на контекстот во кој се користи, прекумерна реакција на опозицијата и додаде дека тие партии и српскиот претседател Александар Вучиќ имаат исти пораки.
„Оваа голема конфузија на опозицијата, вклучително и медиумите од левиот спектар, покажува дека не се задоволни што 500.000 луѓе дојдоа на овој концерт, што сè помина мирно, што атмосферата беше многу убава, што имаше единство и што дојдоа млади луѓе“, додаде Пленковиќ, кој е и претседател на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).
На критиките од опозицијата дека еден ден претходно бил на генералната проба на контроверзниот пејач, познат по своите националистички песни, Пленковиќ рече дека дошол да го види напредокот на најголемиот концерт, а потоа сакал да се фотографира со пејачот поради децата кои исто така сакале автограм.
На прашањето за острите критики во странските медиуми, премиерот одговори дека знае „дека сè ќе се сведе на првите три збора од песната на „Бојна Чавоглава“, односно „За дом спремни“.
„Ова не значи никаков историски ревизионизам, не значи никаква промоција на усташите“, одговори премиерот на повиците од претседателот на Независната демократска српска партија, Милорад Пуповац, како и на критиките на Народниот правобранител, кој остро ја осуди употребата на усташки симболи и слогани пред концертот и на самиот настан.
Премиерот рече дека Томпсон е единствениот пејач во Хрватска кој може да собере половина милион луѓе.
„Не знам кој плаче повеќе, оние од десницата затоа што немаат привилегија над него, или оние од левицата“, додаде Пленковиќ.
Тој исто така рече дека дозвола за организирање на концертот дал градот Загреб, кој е предводен од коалицијата на левичарските партии Можемо и СДП, а не од владата на која „ѝ е предадена целата организација“. Во исто време, тој ги пофали МУП и организаторите дека сè поминало добро.
Марко Перковиќ, попознат како Томпсон, предизвикува поделби во хрватското општество, имајќи предвид дека некои граѓани го сметаат за патриот, кој пее патриотски песни, како и оние за верата и љубовта, додека други го критикуваат, бидејќи во некои од неговите песни покажува симпатии кон усташкото движење.
Поради ваквите песни, но и затоа што меѓу неговата публика има и такви кои ја носат усташката иконографија и отворено го величат НДХ, концертите на Томпсон претходно беа откажани во многу европски градови.
Пејачот тврди дека е патриот, а не националист, додека во своите изјави го нарече усташкиот поздрав „За дом спремни“ стар хрватски поздрав, кој во неговата песна напишана во војната од 90-тите години се однесува на поздравот што го користеле припадниците на паравоената единица, Хрватските одбранбени сили (ХОС), во таа војна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата