logo
logo
logo

Амбасадата на САД во Приштина денес објави

КУРТИ МОЖЕ ДА СЕ ПРОСТИ ОД ПОЛИТИКАТА? САД го суспендираат на неодредено време стратешкиот дијалог со Приштина

Vecer | 12.09.2025

КУРТИ МОЖЕ ДА СЕ ПРОСТИ ОД ПОЛИТИКАТА? САД го суспендираат на неодредено време стратешкиот дијалог со Приштина

Амбасадата на САД во Приштина денес објави дека Соединетите Американски Држави го суспендираа на неодредено време планираниот стратешки дијалог со Приштина.

Причината, како што е наведено, е загриженоста поради постапките на владата кои ги зголемија тензиите и нестабилноста, ограничувајќи ја способноста на Вашингтон продуктивно да работи со Приштина по заедничките приоритети.

Во соопштението се наведува дека САД остануваат посветени на унапредување на заедничките интереси што ги делат Соединетите Американски Држави и народот на Косово.

Се додава дека односот на САД со Приштина се темели на заедничка цел - зајакнување на мирот и стабилноста како основа за меѓусебен економски просперитет, но дека неодамнешните постапки и изјави на премиерот на институциите на Приштина, Албин Курти, претставуваат предизвици за напредокот постигнат во текот на годините.

„Стратешкиот дијалог имаше за цел зајакнување на економските и дипломатските врски во корист на народот на Америка и Косово. Се надеваме дека ќе продолжиме со ваквите напори во иднина кога ќе биде соодветно“, се вели во соопштението.

Стратешкиот дијалог е процес развиен од страна на американскиот Стејт департмент со цел подобрување на билатералните односи и вклучува разговори на високо ниво за широк спектар на теми како што се одбраната, безбедноста, животната средина, енергетиката, економската соработка.

Вршителката на должноста амбасадор во Амбасадата на САД во Приштина, Ану Пратипати, претходно денес го изрази своето разочарување од неодамнешните изјави на премиерот на приштинските институции во техничкиот мандат, Албин Курти, против уставниот суд и истакна дека ваквите изјави ги влошуваат меѓуетничките тензии.

„Овие дејствија го поткопуваат политичкиот процес, ги ослабуваат институциите на Косово и ги влошуваат меѓуетничките тензии“, изјави Пратипати во врска со изјавите на Курти на состанокот на Генералниот совет на Самоопределување.

На состанокот на Генералниот совет на неговата партија Самоопределување одржан во недела, Курти рече дека уставниот суд функционира како „политичка сенка на опозицијата“.

Тој ги упати обвинувањата против уставниот суд по одлуката на судот да воведе привремена мерка со која им се забранува на членовите на собранието да преземаат дејствија и какви било процедури за формирање нова влада на привремени институции до 30 септември.

Мерката беше усвоена по жалба од Српската листа во врска со методот на избор на потпретседател на собранието од немнозинските заедници.

Собранието на приштински институции не избра потпретседател од српската заедница, но претседателот на парламентот сепак ја затвори конститутивната седница.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk