Иако изгледаше дека четирите партии во бугарското Собрание се на чекор до конечен договор за стабилна влада, партијата на Борисов - ГЕРБ неочекувано ги прекина преговорите, поради несогласување со „Демократска Бугарија“ кој треба да биде следниот премиер, јавија бугарските медиуми.
По вчерашната рунда состаноци, синоќа од прес-центарот на ГЕРБ, соопштија дека не е постигнат договор за персоналниот состав на идната влада и за името на кандидатот за премиер. Откако Демократтска Бугарија првично се спротивстави за името на Бојко Борисов како премиер, ГЕРБ понуди втора номинација - Росен Жељазков, но и оваа опција била отфрлена од Демократска Бугарија, што резултирало со прекин на преговорите, соопштија од партијата на Борисов.
Според бугарските медиуми, „Демократска Бугарија“, која на изборите настапи во коалиција со „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков, не се согласува новиот кабинет да го предводи Росен Жељазков, кој важи за еден од најдоверливите луѓе на Борисов уште кога тој бил градоначалник на Софија.
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека ќе им даде повеќе време на политичките лидери пред да го предаде првиот мандат, критикувајќи ги дека се однесуваат неодговорно.
-Ги повикувам политичките партии да престанат да си играат со судбината на народот и иднината на државата. Ќе дадам уште малку време - неколку дена, со надеж дека преговарачите ќе сфатат дека нивната одговорност не е само пред нивната партија и гласачите, туку и пред целиот бугарски народ, изјави Радев.
Според поранешниот амбасадор Јован Донев, иако ова е прва рунда на преговори, очигледните несогласувања ја зголемуваат веројатноста Бугарија да оди на нови предвремени избори. Како таквиот епилог би се одразил на македонските евроинтеграции со оглед на очекувањата на македонските власти за формирање стабилна политичка Влада за разговори со другата страна, Донев за Канал 5 вели тоа не зависи од нас, а наша домашна задача се внатрешните реформи.
-Ова е прв круг, сигурно ќе има и прв, втор круг на преговори во Бугарија. Иако шансите така се помали, како се зголемува бројот на кругови се помали се шансите да се формира влада. Големи се шансите Бугарија да оди на нови избори. За нас што ќе значи? Ништо. Тоа е повисока сила, не можеме ние ништо да направиме тука. Единствено што може да направиме е да ги спроведуваме реформите, колку што можеме со засилено темпо, да не губиме време и друго решение немаме. Во овој случај ништо не зависи од нас, смета Донев.
Дека големи се шансите Бугарите да одат на нови избори напролет, анализираат и бугарските медиуми. По повлекувањето на партијата на Борисов со мандат како најсилна партија, според дел од толкувањата, веројатноста вторите на изборите, коалицијата на Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија, да најдат поддршка за нивниот владин состав е речиси невозможна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата