Конститутивната седница на собранието на привремените приштински институции денес беше прекината по 39-ти пат, откако пратениците не го усвоија предлогот на движењето Самоопределување да се гласа за кандидатот на таа партија Аљбуљена Хаџија за претседател на собранието, со тајно гласање.
Најстариот пратеник во собранието, Авни Дехари, кој ја води конститутивната седница, ги покани ДПК, ДСК, АБК и листата Српска да предложат членови кои ќе ја сочинуваат Комисијата за следење на тајното гласање за избор на претседател на собранието, но тие тоа не го сторија ниту денес.
Потоа Дехари ги повика пратениците да гласаат за предлогот за тајно гласање за избор на претседател на Парламентот. 53 пратеници гласаа за предлогот, немаше воздржани, ниту гласови против, што не беше доволно за предлогот да биде усвоен.
Дехари ја закажа седницата за нов обид за конституирање на парламентот за вторник во 11 часот. Во четврток, Уставниот суд на Косово донесе пресуда според која пратениците во парламентот во Приштина се должни да ја завршат конститутивната седница најдоцна во рок од 30 дена, со избор на претседател и потпретседател.
Дополнително, тој суд утврди и дека седницата што започна на 15 април и нејзиното продолжение досега не биле спроведени во согласност со уставот на Косово.
Констутитивната седница започна на 15 април, а врз основа на резултатите од изборите одржани на 9 февруари, ниедна партија нема доволно мандати за самостојно да формира влада.
Самоопределување има 48 мандати, Демократската партија на Косово 24, Демократскиот сојуз на Косово 20, Алијансата за иднината на Косово и иницијативата Нисма осум, Српската листа девет, Партијата за слобода, правда и опстанок еден, а преостанатите 10 мандати им припаѓаат на претставници на другите немнозински заедници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата