Британската влада објави дека ќе купи 12 борбени авиони Ф-35А способни да испукуваат тактичко нуклеарно оружје, опишувајќи го тоа како најголемо зголемување на сопственото нуклеарно одвраќање во последната генерација.
Во соопштението се наведува дека купувањето на вакви авиони од „Локед Мартин“ може да им овозможи на британските воздухопловни сили да носат нуклеарно оружје за прв пат по Студената војна, пренесува „Ројтерс“.
„Во ерата на радикална несигурност, повеќе не можеме да го земаме мирот здраво за готово, поради што мојата влада инвестира во нашата национална безбедност“, изјави британскиот премиер Кир Стармер во соопштение објавено во вторник.
Британската влада соопшти дека купувањето на авионите ќе ѝ овозможи да придонесе во НАТО со таканаречени авиони со двојна способност за носење нуклеарно оружје во случај на конфликт.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека „ова е уште еден силен британски придонес кон НАТО“.
Британското нуклеарно одвраќање моментално се потпира исклучиво на подморничкиот систем „Тридент“, кој откажа за време на тестирањето минатата година.
Тактичкото нуклеарно оружје е наменето за употреба на бојното поле, за разлика од стратешкото оружје дизајнирано да се испали на долги растојанија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата