logo
logo
logo

Бројот на пратеничките групи во грчкиот Парламент се зголеми на девет

Vecer | 06.12.2023

Бројот на пратеничките групи во грчкиот Парламент се зголеми на девет

Новоформираната пратеничка група Нова левица на пратениците кои си заминаа од СИРИЗА, од денеска и официјално е дел од грчкиот Парламент, со што бројот на пратеничките групи од осум, колку што беа по изборите, се зголеми на девет, јави дописничката на МИА од Атина.

„Премиерата“ за новата пратеничка група е на денешната расправа во Парламентот за предлог-законот на Владата за новите начини на оданочување и борбата со затајувачите на данок.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот од неговиот говор на седницата се осврна на Нова левица, им честиташе и истакна дека тоа што се зголемува бројот на пратеничките групи ги зголемува и обврските да се почитуваат предвидените времетраења на говорите за да можат да се слушнат сите мислења.

Независните пратеници, кои си заминаа од СИРИЗА, минатата среда ја формираа новата пратеничка група, чиј претседател е поранешниот министер Алексис Харицис, додека пак во понеделникот беа претставени името и позициите.

Дел од Нова левица (Неа Аристера) се единаесетмина поранешни пратеници од СИРИЗА, меѓу кои и поранешни министри, како и кандидатката за лидер на партијата Ефи Ахциоглу, а од партијата си заминаа поради несогласувањата со новиот претседател Стефанос Каселакис.

Со заминувањето на 11 пратеници, СИРИЗА, која на изборите во јуни обезбеди 47 пратенички места сега има 36 пратеници, само четири повеќе од ПАСОК што е трета политичка сила во земјата. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk