logo
logo
logo

БУГАРИЈА СЕ МЕША ВО ИЗВЕШТАЈОТ ЗА НАПРЕДОКОТ НА МАКЕДОНИЈА

„НЕМА ПЛАН Б“, ТОА ШТО Е ДОГОВОРЕНО ОД КОВАЧЕВСКИ И ОСМАНИ за уставните измени мора да се исполни

Vecer | 30.05.2025

„НЕМА ПЛАН Б“, ТОА ШТО Е ДОГОВОРЕНО ОД КОВАЧЕВСКИ И ОСМАНИ за уставните измени мора да се исполни

Бугарското Собрание денеска усвои нова резолуција за напредокот на земјава во процесот на пристапување кон Европската Унија. Резолуцијата била едногласно поддржана со 194 гласови „за“.

Во резолуцијата, поднесена од Тошко Јорданов (ИТН) и група пратеници, се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Република Македонија строго да ги спроведуваат договорите што ги прифатиле, јави БТА. Во резолуцијата се наведува дека се неприфатливи какви било обиди во рамките на форматите и институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на елементи од веќе постигнатите договори.

Во документот се истакнува дека европскиот консензус е договор меѓу земјата кандидат за членство во ЕУ, од една страна и Унијата како целина, од друга страна и затоа не претставува билатерално прашање. Меѓудругото, се истакнува дека европскиот консензус се заснова на Заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, преговарачката рамка на Република Македонија и заедничките протоколи меѓу Бугарија и Република Македонија за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година.

Националното собрание ги повикува институциите на ЕУ да продолжат со напорите за гарантирање на правата на Бугарите во Република Македонија, како и на другите заедници, вклучително и нивното право да го зачуваат и развиваат своето културно и историско наследство, јазик, сеќавање на предците и идентитет, и да усвојат инклузивен пристап кон чувствителните прашања на националниот идентитет во мултиетничкото општество на Република Македонија.

Во резолуцијата се повикуваат меѓународните организации строго да го следат спроведувањето на највисоките стандарди во областа на заштитата на човековите права во Република Македонија, да реагираат и да преземат соодветни мерки во случаи на насилство, дискриминација, говор на омраза, институционален притисок или други форми на репресија против Бугарите или претставници на други заедници во Македонија.

Се наведува и дека Националното собрание очекува, во спроведување на европскиот консензус од 2022 година, Република Македонија да развие и презентира Акциски план за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници, кој ќе го придружува Патоказот за владеење на правото. Овој план, чија имплементација ќе се следи во текот на целиот процес на пристапување на Македонија во ЕУ, треба да содржи јасни, мерливи и ефикасни мерки за заштита на човековите права на ранливите групи во општеството на Република Македонија, се наведува во усвоената одлука.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk