logo
logo
logo

Атина очекува продолжување на дијалогот со Турција

Vecer | 19.09.2023

Атина очекува продолжување на дијалогот со Турција

 Ние веруваме во дијалогот, веруваме во оваа клима на дијалог што се негува, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на редовниот брифинг со новинарите во однос на утрешната средба на премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис и Ердоган ќе се сретнат во Њујорк на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, што ќе биде нивна втора средба во период од два месеци, а Маринакис коментираше дека е „важна средбата, исто како и сите билатерални средби на грчкиот премиер со турскиот претседател“.

Објасни дека разговорите ќе се движат во насока на она што беше договорено на првата средба, за трите нивоа за кои се согласија, но и ќе се одредат следните чекори.

-Грција верува во дијалог, верува во решавање на единствената разлика што нè разделува со Турција, секако уште не сме стигнати до тоа, но теоретски таа е целта. Дијалогот ќе напредува и на сите нивоа, рече Маринакис.

Паралелно, го повтори она што го кажа Мицотакис на прес-конференцијата на Меѓународниот саем во Солун во неделата дека Грција нема да направи никакви отстапки од својата позиција и никогаш нема да разговара за прашања поврзани со суверенитетот и со статусот на грчките острови.

Средбата на грчкиот премиер и турскиот претседател првично беше закажана за 18 септември, меѓутоа поради поплавите во Грција, Мицотакис ја промени програмата и за Њујорк ќе отпатува денеска, два дена подоцна од планираното, а со Ердоган ќе се сретне утре наутро по локално време. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk