Адвокатската комора на Војводина ја изрази својата загриженост поради можна понатамошна ескалација на судирите и насилството за време на протестите во Србија, како и поради селективната примена на законите.
Според нив, случувањата на протестите во Бачки Петровец, Врбас, Бачка Паланка и Нови Сад го нарушија владеењето на правото, безбедноста на граѓаните и други основни човекови права.
Адвокатската комора ги повикува и граѓаните и надлежните органи да го почитуваат законот и прописите.
Посебно е истакната загриженоста поради, како што велат, „селективна примена на законите кон некои учесници на овие настани“.
„Сведоци сме на употребата на пиротехнички средства, камења и други предмети што можат да предизвикаат сериозни повреди, како и насилно однесување на непознати, замаскирани лица, меѓу кои има и такви што пристигнале со возила со прикриени таблички“, нагласи Комората.
Од таму апелираат на смирување на тензиите и избегнување нови судири, потенцирајќи дека државните органи мора да го спречат извршувањето на кривични дела и прекршоци.
„И понатаму внимателно ќе ја следиме состојбата и ќе инсистираме на владеење на правото и заштита на сите граѓани“, порача Адвокатската комора на Војводина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата