За многумина патници, поставувањето шатор покрај море претставува достапен и алтернативен начин за летување, особено во време кога растот на трошоците за живот ги оптоварува домашните буџети. Меѓутоа, во Грција дивото кампување (кампување надвор од лиценцирани кампови) е забрането и може да доведе до парични казни, кривична постапка, па дури и затворска казна.
Според Законот 392/1976, поставувањето шатори, паркирањето кампер-приколки за ноќевање и кампувањето воопшто се забранети на плажите, во шумите, во близина на археолошки локалитети и на други јавни површини кои не се официјално одредени за таа намена.
Грчкиот закон дозволува кампување исклучиво во организирани и лиценцирани објекти, односно во официјални кампови. Оние кои ги прекршуваат правилата можат да бидат казнети со административни парични казни, а во одредени случаи властите можат да покренат и кривична постапка, вклучувајќи и апсење по итна постапка.
Казни за прекршителите: Според важечките прописи, лицата затечени во нелегално кампување во Грција се соочуваат со административна казна од 300 евра по лице, шатор или возило.
Во посериозни случаи, прекршителите можат да сносат и кривични санкции. Тие можат да вклучуваат казна затвор до шест месеци или парична казна одредена од суд. Вкупниот износ на судската казна може да достигне и до 3.000 евра, пишува Greek Reporter.
Апсењата на Скијатос повторно ја покренаа дебатата
Оваа тема повторно дојде во фокусот оваа недела, откако властите во понеделникот попладне уапсија двајца мажи поради наводно нелегално кампување на една плажа на островот Скијатос. Според локалните извештаи, случајот предизвика дополнителни критики бидејќи камперите наводно оставиле отпад во околината, покажувајќи негрижа кон другите посетители на плажата и кон локалната животна средина.
Слични инциденти повремено се пријавуваат ширум Грција, особено во областите каде што кампувањето со години неформално се толерираше. На одредени дестинации долго време постоеше премолчена согласност меѓу камперите, локалните власти и локалната заедница, и покрај законската рамка која строго ја забранува таквата практика.
Поддржувачите укажуваат на поевтин туризам, властите предупредуваат на еколошки ризици
Поддржувачите на слободното кампување тврдат кое тоа овозможува поблизок контакт со природата и им обезбедува на луѓето поевтин начин за патување во време кога трошоците за сместување и одмор се значително зголемени.
Тие укажуваат и на примери од други европски земји, каде што пофлексибилни системи дозволуваат одговорно кампување на отворени, неорганизирани простори под одредени услови. Според овој став, Грција би можела да усвои порегулиран модел кој би дозволувал слободно кампување во избрани подрачја, под услов да се почитуваат строгите правила за заштита на животната средина.
Од друга страна, властите и организациите за заштита на животната средина сметаат дека неконтролираното кампување може да претставува сериозен притисок врз природните подрачја.
Нивната загриженост се однесува на:
- Натрупувањето отпад;
- Оштетувањето на чувствителните екосистеми;
- Зголемениот ризик од пожари, особено во текот на летните месеци кога Грција се соочува со високи температури и сушни услови.
Исто така, тие истакнуваат дека недостатокот на организирана инфраструктура го отежнува управувањето со големиот број посетители во заштитените или во оддалечените подрачја. Отсуството на санитарни јазли, системи за одлагање отпад, мерки за заштита од пожари и адекватен надзор често се наведува како една од главните причини поради кои грчката држава и понатаму го ограничува слободното кампување надвор од лиценцираните кампови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата