Пратеничката во Парламентот на Словенија со македонско потекло Сандра Газинковски поднесе предлог за измена на словенечкиот Закон за возачи, со кој ќе им се овозможи на носителите на важечка возачка дозвола издадена во одредени земји од регионот, меѓу кои и Македонија, да можат да ја заменат својата возачка дозвола за словенечка без повторно да го полагаат практичниот дел од испитот, во рок од првата година по регистрацијата на живеалиштето во Словенија.
Пред замената, носителот на возачката дозвола мора да достави доказ за ментална и физичка способност за управување со возила, со што ќе се запазат безбедносните стандарди.
Газинковски предлог-законот го презентираше на Комисијата за инфраструктура, животна средина и просторно планирање и ги повика пратениците да го поддржат.

„Ова е мал, но важен чекор кон поправедна, разумна и отворена земја која им верува на луѓето кои веќе имаат знаење, искуство и одговорност да возат“, рече Газинковски.
Таа посочи дека измените ќе донесат големи бенефити и за словенечката администрација и за возачите.
Законот ќе ги поедностави процедурите и ќе ги елиминира непотребните бирократски пречки, ќе го намали административниот товар врз поединците, ќе обезбеди побрза интеграција на работниците и ќе елиминира неоправдани разлики,а од друга страна нема да значи намалување на безбедносните стандарди.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата