Лидерот на владејачката партија во Република Српска, Милорад Додик, ги повика Србите што живеат во Унгарија да го поддржат премиерот Виктор Орбан на претстојните избори во таа земја, а тоа го стори додека беше во Будимпешта на предизборен состанок на партијата на Орбан, на кој учествуваа истакнати десничари.
Во објава на социјалната мрежа X, Додик тврди дека Унгарија и РС „ги делат истите вредности“ и дека Орбан докажал дека е лидер кој има храброст да ги заштити националните интереси и слободата на својот народ и затоа му посакува успех на претстојните парламентарни избори.
„Ги повикувам Србите што живеат во Унгарија да го поддржат Виктор Орбан и политиката што ја зачувува стабилноста, идентитетот и суверенитетот на Унгарија“, напиша Додик, додека речиси истовремено Орбан го пофали како храбар и решителен политичар од говорницата на промотивниот митинг на Фидес.
Орбан: „Ќе се откажевме ако преживеевме само половина од она што го преживеа Додик“
Орбан на митингот рече дека Додик заслужува најголеми почести затоа што „преживеал американски санкции, уцени од Германија и злоупотреби во БиХ“.
„Ќе се откажевме ако преживеевме само половина од она што го преживеа Додик. Но, тој успеа и ти благодарам, Милорад, што си со нас денес“, рече Орбан од говорницата, изразувајќи благодарност до другите гости кои дојдоа да го поддржат во Будимпешта, меѓу кои преовладуваа истакнатите промотори на десничарските, суверенистичките и антиимигрантските политики во Европа и САД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата