Европската Унија мора да игра активна улога во светот, во спротивно ќе стане играчка на голема сила, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц во саботата во Загреб.
„Пред нас е одлучувачко прашање. Дали сакаме да играме активна улога во овој свет или да станеме играчка на суперсила. Јас експлицитно се залагам самите да играме улога, да веруваме доволно во себе, да сме силни, да можеме да се бориме за сопствените интереси во светот“, рече Мерц во интервју за HRT за време на посетата на Хрватска, каде што учествуваше на неформален состанок на Европската народна партија (ЕПП) во Загреб.
Како што изјави, денес Европа зборува многу повеќе за заедничка одбрана отколку порано.
„За тоа се потребни три предуслови. Станува збор за способност за одбрана, конкурентност и решителност на членките на ЕУ. Ние во ЕУ во голема мера се согласуваме за тоа“, рече Фридрих Мерц.
Според него, новите геополитички околности во Европа и светот би можеле да придонесат за побрзо проширување на ЕУ, но засега нема јасно решение. Како што вели, во тој сегмент смета на советите на хрватскиот премиер, кој добро го познава регионот.
„Андреј Пленковиќ е веројатно најдобриот судија за тоа, за овој регион, за земјите од Западен Балкан. Сите ние, вклучително и мене, сметаме на неговите совети, бидејќи тој добро го познава овој регион и неговите актери. Разговараме за тоа, но сè уште немаме решение“, рече Мерц.
Кога станува збор за енергијата и енергетската независност, Мерц рече дека жали што Германија неповратно се откажа од нуклеарната енергија.
„Точно, можеме да жалиме за тоа и јас жалам. Но, нема смисла да се размислува за тоа, одлуката е донесена“, рече тој.
Тој додаде дека одлуката за откажување од рускиот гас е неповратна и дека Германија сака силно да се фокусира на енергијата од ветер и сончева енергија.
„Сепак, и нам ни е потребен гас, а овој дел од Европа има важна улога во тоа“, заклучи Мерц.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата