logo
logo
logo

МАТЕМАТИКА ЗА ВЛАДА - Дали 109 мандати на Радев се доволни за политичка стабилност во Софија?

Vecer | 16.04.2026

МАТЕМАТИКА ЗА ВЛАДА - Дали 109 мандати на Радев се доволни за политичка стабилност во Софија?

На само неколку дена пред гласањето во Бугарија, најновата анкета на агенцијата „Маркет линкс“ спроведена во соработка со телевизијата „бТВ“, најавува доминантна победа на коалицијата „Прогресивна Бугарија“ предводена од поранешниот претседател Румен Радев. Со поддршка од 30,8 отсто од гласачите, Радев се наоѓа во значителна предност пред долгогодишниот политички опонент ГЕРБ, кој според оваа анкета ужива доверба од 18 проценти. Далеку зад нив се рангирани коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ со 11,2 отсто, „ДПС-Нов почеток“ со 6,5 отсто и партијата „Преродба“ со 4,2 отсто, додека останатите политички субјекти засега остануваат под изборниот праг, објави БГНЕС.

Социологот Добромир Живков посочува дека клучниот фактор за ваквиот резултат е високата излезност и привлекувањето на новите гласачи токму кон програмата на „Прогресивна Бугарија“. Иако сè уште има 15 проценти неодлучни граѓани, анализите покажуваат дека дури 90 отсто од оние кои се двоумат во последен момент ја даваат својата поддршка за формацијата на Радев. Токму оваа динамика му дава на поранешниот претседател силен ветар во грб пред неделните избори на 19 април.

Сепак, преточувањето на овие проценти во пратенички места сугерира дека Бугарија и понатаму би можела да се соочи со тешки преговори за влада. Според проекциите, „Прогресивна Бугарија“ би освоила 109 мандати, што е недоволно за посакуваното мнозинство од 121 пратеник во Народното собрание. Зад нив би биле ГЕРБ со 57, ПП-ДБ со 37, ДПС со 21 и „Преродба“ со 16 мандати. Ова значи дека и покрај убедливата победа, на Радев ќе му биде неопходен коалициски партнер за формирање стабилен кабинет, што го отвора прашањето за пост-изборните калкулации на бугарската политичка сцена.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk