Министерството за финансии на САД го отстрани Милорад Додик, членовите на неговото семејство и бројни други функционери од Република Српска, вклучувајќи ја и членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, од листата на санкции на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), според Euronews BiH.
Списокот на санкционирани лица и компании, познат како Листа на специјално назначени државјани (SDN), претходно ги вклучуваше членовите на семејството на Милорад Додик, како и бројни компании наводно поврзани со него, вклучувајќи ги Alternative Television (ATV), Fruit Eco, Agape, Global Liberty и други деловни субјекти. Покрај Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ, од списокот беа отстранети и други функционери на Република Српска, вклучувајќи ги Ален Сераниќ, Драган Станковиќ, Петар Ѓокиќ, Перо Букејловиќ, Ненад Стевандиќ, Радован Вишковиќ, Синиша Каран... (Целиот список можете да го видите на овој линк).
Во одлуката на OFAC се наведува дека промените и ажурирањата на списокот се преземени во согласност со важечките прописи и дека оваа промена овозможува ослободување на средства и трансакции кои претходно беа блокирани со санкции.
Милорад Додик е под санкции на САД од 2017 година, кога беше санкциониран за „попречување на Дејтонскиот мировен договор“. Санкциите беа продолжени во 2022 и 2023 година, вклучувајќи обвинувања за корупција, поткопување на уставниот поредок на БиХ и злоупотреба на јавни ресурси. Тие вклучуваат финансиски мерки и забрана за соработка со американски субјекти.
Жељка Цвијановиќ беше ставена под санкции на САД во јули 2023 година, поради нејзината поддршка на законите и политичките потези што беа оценети како закана за функционалноста на институциите на БиХ.
Цвијановиќ: Добри вести по слетувањето во Париз
Српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, објави дека по слетувањето во Париз ја пречекале добри вести за укинување на американските санкции против функционерите на Република Српска.
Цвијановиќ и другите двајца членови на Претседателството на БиХ ќе се сретнат со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.
„Добри вести дека американските санкции се укинати за 30 физички и повеќе правни лица од Република Српска, вклучувајќи ги и нејзините врвни функционери“, рече Цвијановиќ на платформата X.
Таа потсети дека претходно санкциите беа укинати за четири лица кои извршуваат важни задачи во владиниот систем на Република Српска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата