Помалку од еден час откако денес загуби на парламентарното гласање за консултативниот референдум за трошоците за одбрана, владејачката Партија на слободата на Словенија одлучи да свика свој консултативен референдум за членство во НАТО.
Како што објави агенцијата СТА, ова е вистинско прашање за кое граѓаните мора да се изјаснат, објави партијата, наведувајќи дека предлогот формално ќе биде поднесен следната недела.
„Постојат само два начина: или да останеме во НАТО и да плаќаме членарина, или да ја напуштиме алијансата. Сè друго е популистичка измама на граѓаните на Словенија“, рече словенечкиот премиер Роберт Голоб на официјалниот профил на владата на мрежата X.
Неговата изјава следеше по усвојувањето од страна на Народното собрание на предлогот на Левицата, помал партнер во владејачката коалиција, за одржување консултативен референдум за зголемување на трошоците за одбрана.
Коалицијата се подели кога Движењето за слобода на Голоб гласаше против неа, додека помалите партнери се здружија со конзервативната опозиција во поддршка на гласањето на народот.
Голоб го опиша референдумот за трошоците за одбрана како „уште еден бесмислен референдум што го потврди коалицијата на Демократската партија (СДС), Нова Словенија (НСи) и Социјалдемократите (СД), додека, според него, референдумот за членство во НАТО „ќе го отстрани секој сомнеж за вистинската волја на народот“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата