logo
logo
logo

Косово е меѓу седумте земји кои ЕУ ги прогласи за „БЕЗБЕДНИ“ за враќање на МИГРАНТИ

Vecer | 16.04.2025

Косово е меѓу седумте земји кои ЕУ ги прогласи за „БЕЗБЕДНИ“ за враќање на МИГРАНТИ

Косово е додадено на листата од седум земји кои Европската унија ги прогласи за „безбедни земји на потекло“ во кои мигрантите би можеле да се вратат откако нивните барања за азил во Унијата биле одбиени.

Европската комисија објави дека предлага на таа листа да се стават Косово, Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Мароко и Тунис.

„Многу земји-членки се соочуваат со голем број заостанати барања за азил, така што сè што можеме да направиме сега за да ги забрзаме одлуките за азил е од суштинско значење“, рече комесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер при претставувањето на листата на земји.

Сега останува на Европскиот парламент и на Советот да постигнат договор за овој предлог.

Според новите правила на ЕУ, барателите на азил кои доаѓаат од овие седум земји може да се соочат со отфрлање на нивните барања и потенцијални налози за депортација.

Бројот на барања за азил од Косово до ЕУ се зголеми по либерализацијата на визниот режим на 1 јануари 2024 година.

Повеќе барања за азил имало само во 2015 и 2016 година, кога десетици илјади косовски граѓани илегално преку Унгарија имигрирале во ЕУ.

Од 2018 година, Франција стана главна дестинација за косовските граѓани кои бараат азил во ЕУ, заменувајќи ја Германија како главна дестинација.

Брисел е под притисок да го намали бројот на нерегуларни мигранти и да ги олесни процесите на депортација, додека во некои земји-членки на ЕУ мигрантското прашање го поттикна растот на екстремната десница.

Предводени од тврдокорните земји како Шведска, Италија, Данска и Холандија, лидерите на ЕУ во октомври повикаа на нова правна рамка за забрзување на депортацијата на мигрантите, но и ја повикаа Европската комисија да истражи „иновативни“ начини за борба против нерегуларната миграција.

Како одговор на овие барања, Европската комисија минатиот месец претстави реформа на системот за депортација, со што се отвори можност земјите-членки да формираат центри за враќање на мигрантите надвор од границите на ЕУ.

Според официјалните податоци на ЕУ, помалку од 20 отсто од луѓето на кои им било наредено да ја напуштат Унијата се вратиле во земјите на потекло.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk