logo
logo
logo

Во Штутгарт нападнати двајца пратеници на АфД, осомничени две девојки на возраст од 19 и 23 год

Vecer | 10.05.2024

Во Штутгарт нападнати двајца пратеници на АфД, осомничени две девојки на возраст од 19 и 23 год

Пратениците се здобиле со полесни повреди додека во средата вечерта стоеле пред штандот поставен по повод 75-годишнината од германскиот Устав, јави Дојче Веле.

Полицијата соопшти дека двајцата се здобиле со повреди во пределот на главата и вратот, а АфД го повика министерот за внатрешни работи на оваа сојузна држава Томас Штробл да преземе нешто против, како што го нарекоа, „левичарскиот екстремизам“.

Овој напад е продолжение на серијата напади врз германски политичари, меѓу кои најнов случај беше нападот врз министерката за економија на Берлин Франциска Гифи, која непознато лице ја удри во главата во библиотека.

Исто така во вторникот, 48-годишен член на партијата на Зелените беше нападнат во Дрезден додека поставуваше плакати, а полицијата соопшти дека истражува група која извикувала нацистички слогани.

Бушман: Построгите закони не се доволни за да се спречи политичкото насилство

 Построгите казни нема да бидат доволни за да се спречи растечката агресија врз политичарите, изјави германскиот министер за правда Марко Бушман.

- Обидот да се реши социјалниот проблем на општата брутализација на политичките дебати само со помош на кривичното право ќе биде неуспех, изјави за ДПА политичарот од либералната Слободна демократска партија, најмалиот партнер во владејачката трипартиска коалиција.

Сепак, тој е подготвен да ги разгледа предлозите на федералните провинции во областа на кривичното право.

Сојузниот министер за внатрешни работи и државните министри за внатрешни работи во вторникот одржаа видео-конференција по бруталниот напад врз водечкиот кандидат за европските избори во Саксонија на германската Социјалдемократска партија (ГСДП), Матијас Еке.

Во заедничката резолуција, министрите за внатрешни работи побараа од министрите за правда што е можно поскоро да истражат дали „конкретната неправда што може да се види во фактот дека ваквите напади се закана за демократијата“ веќе е доволно рефлектирана во кривичното право. Исто така, треба да истражи дали „е кривично дело намерно ширење дезинформации со цел да се влијае на изборите или да се зголеми насилството“.

ДПА потсети дека зачестуваат нападите врз политичарите во Германија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk