Русија нема планови за ниту една земја членка на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но ако Западот ѝ испорача авиони ловци Ф-16 на Украина, тогаш тие ќе бидат соборени од руските сили, изјавил доцна синоќа претседателот на земјата Владимир Путин, пренесува Ројтерс.
Во обраќање до пилотите на руските воздухопловни сили, Путин рекол дека воената алијанса предводена од САД се проширила на исток кон Русија под падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, но оти Москва не планира да нападне некоја од државите членки на НАТО.
Инаку, руската инвазија на Украина во февруари 2022 година ја предизвика најдлабоката криза во односите меѓу Русија и Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година за време на Студената војна.
„Немаме агресивни намери кон овие држави. Идејата дека ќе нападнеме некоја друга земја – Полска, балтичките земји, а и Чесите се исто така исплашени – целосна глупост“, рекол Путин, според транскриптот на Кремљ објавен денеска.
Рускиот претседател Владимир Путин ги осуди западните обвинувања дека Русија планира да се бори против Европа. Ги нарече „целосна бесмислица“.
-Што се однесува до тврдењата дека планираме да ја нападнеме Европа по Украина, ова е целосна глупост со цел да се заплаши нивното население да плати повеќе пари, рече тој на состанокот со воените пилоти во регионот Твер, пренесува руската прорежимска новинска агенција ТАСС.
-Тие го плашат своето население со потенцијалната закана од Русија, тие се обидуваат да го пренесат тој наратив во светот, тврди Путин.
Путин вели дека наративот за планираниот напад на Русија врз Европа се одвива „среде опаѓање на економијата и опаѓање на животниот стандард“.
-Ова е апсолутно јасно и сите го признаваат. Ова не е пропаганда. Ова навистина се случува. Тие треба да се оправдаат, па го заплашуваат своето население со потенцијалната закана од Русија и се обидуваат да го шират својот наратив до целиот свет, рече Путин, пишува ТАСС.
Кремљ, кој ги обвинува САД дека водат војна против Русија поддржувајќи ја Украина со пари, оружје и разузнавачки информации, вели дека односите со Вашингтон веројатно никогаш не биле полоши.
Прашан за ловците Ф-16 кои Западот вети дека ќе ги испрати во Украина, Путин вели оти овие авиони нема да ја променат ситуацијата во Украина.
„Ако испорачуваат Ф-16, а зборуваат за ова и очигледно обучуваат пилоти, тоа нема да ја промени ситуацијата на бојното поле. Ќе ги уништиме авионите исто како што денес уништуваме тенкови, оклопни возила и друга опрема, вклучително и ракетни фрлачи“, рекол рускиот претседател Путин.
Путин вели дека Ф-16 може да носи и нуклеарно оружје.
„Се разбира, ако тие се користат од аеродроми во трети земји, тие за нас стануваат легитимни цели, каде и да се наоѓаат“, рече Путин.
Забелешките на Путин уследија по коментарите на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба претходно вчера дека авионите треба да пристигне во Украина во наредните месеци.
Украина, која повеќе од две години е во целосна војна со Русија, долго време ги бара авионите.
Белгија, Данска, Норвешка и Холандија се меѓу земјите кои ветија дека ќе донираат Ф-16, а коалицијата на земји вети оти ќе помогне во обуката на украинските пилоти за нивна употреба.