logo
logo
logo

Макрон на крајот од месецов во државна посета на Германија

Vecer | 02.05.2024

Макрон на крајот од месецов во државна посета на Германија

Посетата, која е прва на француски претседател во последните 24 години, ќе се реализира непосредно пред изборите за Европскиот парламент (6 до 9 јуни) и почетокот на Европското фудбалско првенство во Германија, кое ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули, и Олимписките игри во Париз кои следат веднаш потоа.

Францускиот претседател редовно се среќава со германскиот канцелар Олаф Шолц во Париз или Берлин, додека оваа државна посета, најважна во протоколарната хиерархија, ја организира германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

Емануел и Брижит Макрон ќе бидат пречекани со воени почести во палатата Белви во Берлин, резиденцијата на германскиот претседател, а потоа ќе присуствуваат на „прославата на демократијата“ по повод 75-годишнината од германскиот Основен закон и 35 години од мирната револуција во 1989 година што доведе до повторно обединување на двете Германија.

Со потпишувањето на Основниот закон на 23 мај 1949 година е основана Сојузна Република Германија.

Вториот и третиот ден од посетата ќе бидат во Дрезден и Минстер, каде што ќе разговараат за „заедничките предизвици на кои Франција и Германија можат да дадат заеднички одговори во Европа, на полето на технолошките иновации и конкурентност или на теми за мир и безбедност на континентот“, се наведува во соопштението.

Претседателот Макрон ќе биде единствениот странски гостин на годишнината од основањето на Сојузна Република Германија, на барање на претседателот Штајнмаер кој сака „да ја нагласи уникатната вредност на француско-германското пријателство“. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk