logo
logo
logo

Бајден: На студентските протести поради војната во Газа мора да владее ред

Vecer | 02.05.2024

Бајден: На студентските протести поради војната во Газа мора да владее ред

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека правото на протест е загарантирано демократско право, но истакна дека поредокот мора да надвладее по судирите меѓу полицијата и студентите кои протестираа во универзитетските кампуси низ САД поради војната во Појасот Газа.

Бајден во Белата куќа рече дека изразувањето различно мислење е од суштинско значење за демократијата, но нагласи дека правото на протест никогаш не смее да доведе до нереди.

Тој додаде дека студентските протести не го натерале да го преиспита својот пристап кон војната во Појасот Газа.

Пред повеќе од една недела американскиот претседател ги осуди „антисемитските протести“ на американските универзитети и, како што наведе, „оние кои не сфаќаат што се случува со Палестинците“.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, вчера рече дека Бајден „будно ја следи ситуацијата“ и оти некои универзитетски демонстрации ја преминале границата што ја дели слободата на говорот од незаконското однесување, наведувајќи го примерот на Универзитетот Колумбија каде, според неа, студентите насилно ја зазеле зградата. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk