Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски ќе оствари средба со жителите на село Велебрдо и со жителите на општина Маврово.
Гордана Силјановска-Давкова, исто така, ќе има средби со граѓани, додека коалицијата што ја поддржува предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја презентира програмата за парламентарните избори пред граѓаните во Могила, Ресен, Демир Хисар и Битола.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе оствари средби со граѓаните на Крушево, Кичево, Струга и Охрид. Во Штип на народен собир ќе се обрати претседателот на Левица, Димитар Апасиев. Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, ќе се сретне со граѓаните на Струга и Дебар, а претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, дел од Коалицијата „Вреди“ во рамките на изборните активности ќе даде изјава за медиумите во 12 часот во близина на „Веро“ во Чаир.
Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, вчера изјави дека првиот круг од изборите помина во генерално мирна и демократска атмосфера и изрази надеж дека така ќе биде и за време на кампањата од вториот круг од претседателските избори и за парламентарните избори.
– Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР веќе го издаде прелиминарниот извештај од Првиот круг на изборите. Изборите се одвиваа во генерално мирна и демократска атмосфера и навистина се надеваме дека во вториот круг на претседателските избори и во кампањата за парламентарните избори тие ќе се надградат во овој позитивен замаец што ќе овозможи целиот процес да заврши со позитивни пораки и со позитивно чувство, изјави евроамбасадорот, Дејвид Гир, кој вчера присуствуваше на одбележувањето на Европската недела на имунизација во Градски парк.