Кандидатот за претседател, професорката Гордана Силјановска Давкова
денеска поднесе нова преставка до Државната изборна комисија, Комисијата за
заштита од дискриминација, ОБСЕ – Организација за безбедност и соработка на
Европа, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Мисија за набљудување на изборите (ЕОМ) при
ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права, Националниот
демократски институт, Хелсиншки комитет за човекови права.
Во преставката се констатира дека и покрај потпишаниот
Кодекс за фер и демократски избори во периодот од 10 до 14 април 2024 г.
различни лица вклучени во неговата кампања, вклучително и самиот кандидат Стево
Пендаровски, го кршат Кодексот и предизвикуваат вознемирување и повреда на
личното достоинство на Силјановска Давкова, во согласност со член 10 став 1 од
Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Објективизација и потчинетост на мене како жена се
забележува во:
– говорот на кандидатот за претседател Стево Пендаровски на
митингот на СДСМ во Кавадарци на 10 април 2024 година: „Христијан Мицкоски да
набави „џи-пи-ес“ за неговата кандидатка“;
– говорот на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на
Македонија, Димитар Ковачевски на митингот на СДСМ во Општина Карпош – Скопје
на 12 април 2024 година: – „Јас не ја кандидирав тетка ми Жана за претседател
на држава, па да морам да ја шетам по цела Македонија“ ;
– Дискриминација врз основа на пол, возраст и сексизам се
забележува и во јавното обраќање на граѓанин на митинг на СДСМ во Куманово на
14 април 2024 година: „Од баба невеста не бидува“, се вели во претставката.
Во претставката се потенцира дека ваквите изјави и
однесување не се осудени од: кандидатот Стево Пендаровски, раководството на
СДСМ, ниту, пак, од Форумот на жени на СДСМ; напротив од однесувањето на
Ковачевски и Пендаровски овие постапки се одобрени и поттикнати со смеење,
ракоплескање, и триумфално однесување.
Навредите и говорот на омраза и јавното демонстрирање на
мизогинија се користат на митинзи и на други јавни настапи со цел да се влијае
врз јавното мислење и да се предизвикаат реакции на исмејување од страна на
присутните граѓани во толпата. Сето ова води кон поттикнување и охрабрување
дискриминација и сексизам.
Со својата кампања Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, ги
прекршува човекови права Гордана Силјановска Давкова и повредува неколку
одредби од Уставот за кои се образложува во преставката, велат од тимот на
професорката од каде ги повикуваат медиумите будно да ја следат состојбата, да
комуницираат со домашните и меѓународните институции во врска со оваа преставка
и со нарушените права на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова.