Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин синоќа соопшти дека
се повлекува од функцијата во својата партија. Ова следува по поразот на
Коалицијата за европска иднина чиј дел беше токму и ДОМ.
-Почитувани граѓанки и граѓани, членови и поддржувачи на
зелената партија ДОМ, како израз на етичка и морална одговорност, поднесувам
оставка од функцијата претседателка на ДОМ. Во најкус можен рок, согласно
Статутот на ДОМ, ќе организираме конгрес на кој ќе биде избран новиот
претседател и раководство на ДОМ. Знам дека ДОМ ќе продолжи посветено да се
бори за спроведување на зелените политики во Македонија. Честитки до
претседателката Гордана Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ, стои во објавата на
Морачанин.
Уште синоќа оставки од партиските функции поднесоа и
членовите на СДСМ, Фатмир Битиќи и Перо Костадинов.
-Почитувани граѓани и драги сопартијци, по изборните
резултати, поднесувам оставка од мојата партиска функција, потпретседател на
СДСМ. Најважни се слободата, мирот и напредокот на Македонија. Граѓаните, денес
гласаа на демократски избори, и на слободен начин ја изразија сопствената
волја.
Како држава, можеме да продолжиме напред само преку
заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства,
силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. Сонот за подобар живот дома, е
на сите нас, објави потпретседателот на СДСМ, Костадинов на социјалните мрежи.