Завршија претседателските и парламентарни избори во Македонија. Резултат, целосна промена на власта од претседател до влада и секако, најголема промена е во собранието каде коалицијата на ВМРО ДПМНЕ ќе има половина од вкупниот број пратеници што зачи стабилна власт.
Државната изборна комисија ги објави првичните резултати за парламентарните избори, а бројките ги потврдија пресметките на партиските штабови.
На ниво на држава по мандати коалицијата Твоја Македонија со ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, коалиција ’За европска иднина’ со СДСМ 18, коалицијата Европски фронт 19, коалиција ВЛЕН 13, партијата Левица 6 и ЗНАМ 5 мандати.
Ова се резултати по 94,05 проценти пребројани гласови.
Можни се мали промени во крајниот резултат во број на пратеници, но не повеќе од еден пратеник како разлика на сегашниот распоред.
Вечерва почнаа да течат и рокови за приговори за парламентарните избори. Приговори за текот на гласањето може да се поднесат до 19 часот на десетти мај, а приговори за сумирање и утврдување резултати до 22.30 часот исто така на десетти мај. Потоа, следи разгледување на приговорите и одлука на ДИК или второстепениот орган Управниот суд.
Колку и да се поднесени приговори, состојбата во парламентот нема и не може да се смени. Сигурно е дека ќе има брзо формирање влада, за почеток како коалиција на ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН која, исто така за почеток ќе има најмалку 72 пратеници што е стабилно мнозинство како ретко кога досега но, бројот на парламентарното мнозинство не запира тука.
Имено најмалку двајца пратеници од коалицијата на ДУИ најавија дека од неа излегуваат по изборите со опција да се приклучат на коалицијата Влен предводена од Меџити и Таравари, па парламентарното мнозинство веднаш би се зголемило на 74-75 пратеници.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски најави, потоа, преговори и со другите партии од досегашната опозиција а во собранието тоа се ЗНАМ на Максим Димитриевски и Левица на Димитар Апасиев.
ЗНАМ има подобри шанси да влезе во новата влада отколку Левица. Максим Димитриевски повика на гласање за кандидатката за претседател Гордана Сиљановска Давкова што имаше големо влијание врз обезбедување цензус додека Димитар Апасиев и Левица повикаа на бојкот на изборот за претседател.
Освен ова ставовите на ЗНАМ по клучните прашања се прилично блиски на оние на ВМРО ДПМНЕ, додека Левица со својата анти западна политика прави проблем и за себе и за идната власт во која, евентуално, би влегла во коалација.
Доколку и ЗНАМ влезе во идната владина коалција со тоа би се обезбедиле најмалку 80, а можеби и повеќе, пратеници во собранието што е 2/3 од парламентот и моќ да се донесуваат и закони кои имаат системски или уставен карактер.