logo
logo
logo

Бразил е погоден од најголемите поплави во последните 80 години- најмалку 37 загинати (ВИДЕО)

Vecer | 03.05.2024

Бразил е погоден од најголемите поплави во последните 80 години- најмалку 37 загинати (ВИДЕО)

Станува збор за рекордна поплава каква што не е забележана во Бразил цели 80 години.

Оваа поплава е четврта голема поплава за една година што го погоди Бразил. Земјата беше под вода и во јули, септември и ноември. Во тие поплави животот го загубија вкупно 75 луѓе,

Според Бразилскиот геолошки институт, поплавите низ целата земја го надминале оној забележан за време на историскиот потоп во 1941 година. Во некои градови нивото на вода било на највисоко ниво од почетокот на мерењата пред речиси 150 години, објави агенцијата.

Вчера делумно се урна хидроелектричната брана меѓу градовите Бенто Гонкалвес и Котипора, а цели градови во долината на реката Таквари, како Лајеада и Естрела, се целосно под вода. Во градот Фелиз, на 80 километри од главниот град Порто Алегре, надојдена река го однела мостот што го поврзува со соседниот град Лина Нова.

Операторите пријавиле прекини на струја, комуникации и вода низ целата држава. Според Агенцијата за цивилна одбрана, повеќе од 23.000 луѓе морале да ги напуштат своите домови. Жителите останале без интернет, телефонски услуги и струја, пренесува Гардијан.

Хеликоптери постојано летаа над градовите додека заглавените семејства со деца чекаа спас на покривите. Врнежите започнаа во понеделникот и се очекува да траат најмалку до утре, изјави денеска Марсело Селучи, главен метеоролог во Националниот центар за следење и предупредување за природни катастрофи, за бразилската јавна телевизиска мрежа.

Времето низ Јужна Америка е под влијание на климатскиот феномен Ел Нињо. Тоа е повремен, природен настан кој ги загрева површинските води во екваторијалниот регион на Тихиот Океан. Во Бразил, Ел Нињо историски предизвикува суши на север и интензивни врнежи на југ.

Оваа година, ефектите од Ел Нињо беа особено драматични, со историска суша во Амазон. Научниците велат дека екстремните временски услови сѐ почесто се случуваат поради климатските промени предизвикани од човекот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk