Евровизиската ждрепка одлучи по кој редослед ќе настапуваат полуфиналистите во мај.

Нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев со автобиографската песна „Here I Stаnd“ го доби бројот 6 за во првото полуфинале на 18 мај.

Од регионот, во групата се и Хрватска и Словенија.

Организаторите на годинешниот Евросонг кој ќе трае до 22 мај добија дозвола тој да се одржи во присуство на 3.500 фанови, како дел од тестирање што го спроведува холандската влада. Фестивалот ќе се одржи во мај во салата „Ахој“ во Ротердам откако лани беше откажан поради коронавирусот.

Според планот, салата ќе биде половично полна, а присутните ќе мора да имаат негативен тест за коронавирус.

Ова следува откако минатиот месец во близина на Амстердам се одржа дводневен музички фестивал, на кој присуствуваа 1.500 луѓе, додека 5.000 фанови добија дозвола да ја бодрат холандската фудбалска репрезентација на саботниот меч со Летонија.

И покрај тоа, премиерот Марк Руте најави дека полицискиот час и други рестрикции ќе бидат продолжени до крајот на април.

Конечниот договор околу Евровизија ќе биде потврден на крајот на месецот и сѐ уште може да се менува ако дојде до нов пораст на бројот на заразени. Организаторите претходно излегоа со 4 можни сценарија, од тоа манифестацијата да се одржи нормално, до претходно снимање на настапот и без публика. На изборот на Песна на Евровизија ќе учествуваат 38 земји.