logo
logo
logo

Во Кичево АЛАРМАНТНО: Се поголем бројот на заболени со потешка клиничка слика

Vecer | 11.03.2021

Во Кичево АЛАРМАНТНО: Се поголем бројот на заболени со потешка клиничка слика

Во последниве 15 дена бројот на пациенти заболени од Ковид-19 во кичевската Општа болница е во благ пораст, при што зголемен е бројот на лица со потешка клиничка слика, кои поради сериозноста на здравствените проблеми се упатуваат во болниците во главниот град.

– Во последниве 15 дена во нашата болница хоспитализираме се повеќе пациенти со влошена здравствена состојба и затоа сме принудени дел од нив да ги упатиме во некоја од болниците во главниот град. И во нашиот ковид-центар во пораст е бројот на новозаболени. Така вчера беа хоспитализирани 12 лица, со тенденција за натамошен пораст, изјави специјалистот од Општата болница во Кичево, Неџат Балажи.

Воедно, тој додаде дека проблемот што дел од пациентите имаат влошена клиничка слика се должи на тоа што тие доцна се јавуваат за да бидат хоспитализирани, кога состојбата им е комплицирана, со ниска сатурација и влошени параметри и за нивното лечење ќе треба подолго време и посеопфатна терапија.

Тој потсети дека од денеска за прва вакцина во главниот град ќе бидат упатени вработените во лабораторија и рентген, додека 44 здравствени работници кои беа најмногу изложени на инфицираните од Ковид-19 ќе треба да се ревакцинираат од 16 март.

– Од денеска 25 вработени лица во лабораторија и на рентген ќе ја примат првата вакцина од типот Спутник В во скопската поликлиника „Јане Сандански“. Како ќе пристигнуваат нови вакцини во земјава, така ќе продолжи вакцинирањето и на останатите здравствени работници од нашата болница. Од 16 март нашите вработени кои првата вакцина на Фајзер ја примија пред неполни три седмици ќе се ревакцинираат во поликлиниката „Букурешт“ во Скопје, а нивниот број изнесува 44 лица, додаде Балажи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk