Живот пише романе

Тони Михајловски за малку ќе бил - бравар

Заедно со првенецот на МНТ, Никола Ристановски, на актерот Тони Михајловски во првата година на Факултетот за драмски уметности, биле советувани да се откажат од глума зашто биле неталентирани.

- На Никола му предложија да се запише на драматургија или на книжевност оти имал говорна мана, а мене – на Факултетот за физичка култура (ДИФ). Најголемиот виновник што ние денес се занимаваме со театар е Владимир Милчин, кој ни даде втора шанса. Со неколку колеги многу брзо влеговме во театрите. Ја имавме честа да работиме со Џувалековски, Стојановски, Чоревски... Износевме големи проекти, а „Kрик" на Блаже Миновски ни беше прва претстава во која ги изигравме Гоце Делчев, цар Самуил. Тогаш ја добив првата награда за млад актер на фестивалот во Прилеп, а следната година ја земав истата награда повторно – се смее Михајловски, кој покрај себе го имаше дрвениот бастун, реквизитот од легендарната „Буре барут", на кој по секоја изведба врежувал цртки.

- Со таа претстава, првпат по долги години, „Буре барут" (по Ристо Шишков), млади луѓе н' чекаа по претстава за да земат автограми. Во „Мала станица", пак, ја игравме „Туку така под облака" на Унковски, претстава без ниеден збор, со три македонски песни, со четири јамболии, со која го прошетавме целиот свет и каде и да одевме не прашуваа од кој Нептун доаѓате. Тоа ни се случуваше со сите претстави. Морам да го издвојам Бонското биенале, каде што учествувавме со „ММЕ... кој прв почна". Германците требаше да гледаат балканска претстава, во публиката 40-мина, а по завршувањето, половина час не можевме да ги тргнеме од сцената. Утредента се случи огромна фама и н' замолија да ја играме уште еднаш и целиот фестивал се продолжи за еден ден - се потсетува Михајловски.

Се чини дека целата кариера на Михајловски е поврзана со неговото заминување и враќање како феникс, но паузите никогаш не биле подолги од две години. Во знак на револт за ниските плати, по четири години работа во МНТ, во 1997 година си дал отказ.

- Мојата плата беше двојно помала од таа на чуварот (без никаква навреда за чуварот), тој требаше да има толкава, ама јас не заслужив 8.500 денари раскажува Михајловски.

Тој се потсетува на советот од неговиот професор Милчин, од кој се води во работата, а тоа е и од улога од 5 минути да направиш како да е вредна 50 минути.

Несуден металостругар

По инсистирање на неговиот татко, се запишал во ЕМУЦ во Kуманово, зашто како што се шегува - браварството во тоа време било многу почитувана професија. Но, не покажал никаков интерес за образованието и не учел.

- За среќа, од девет години одев во драмска секција и така компензирав. Прва улога ми беше детето со леталото од „Том Соер". Толку многу ги знаев текстовите напамет, што многу често ги заменував другарите кога беа полни. И во извидничката секција имавме театарска група и работевме дела од Брехт и ништо не разбиравме зашто игравме со аматерска дистанца – вели Михајловски.

Поврзани

Најнови вести

Коментари