Sвезда од А листа со скромни барања

Стинг во Скопје доаѓа со приватен авион, но нема да проба ајвар и гравче!

Иако светска ѕвезда и всушност најголемото музичко име на денешницата кое одржува концерт кај нас, барањата му се скромни. Тој, дознаваме, е буквално без „хоспиталити листа". Од домаќините побарал само добро место за пеење, за се друго ќе се погрижел неговиот тим, луѓето меѓу кои има и готвач кој ќе готви во нивната кујна на тркала...

Одбројувањето до најголемиот музички спектакл кој ќе и се случи на Македонија во нејзината досегашна историја, гостувањето на легендарниот Стинг може да почне! Едно од најголемите светски музички имиња на сите времиња Стинг, а во рамките на големата светска турнеја „57th & 9th" по повод истоимениот албум, во Скопје гостува на 15 октомври во ВИП Арена „Борис Трајковски".

Заедно со The Rolling Stones, Bruce Springsteen, U2, Depeche Mode, Coldplay... Стинг е претставник на таканаречената А листа артисти од областа на рок музиката, но е неверојатно скромен и буквално без „хоспиталити рајдер". Имено, до организаторите на спектаклот Авалон продукција дознаваме дека стигнало барање кое се однесува на само техничкиот дел, а за се останато почнувајќи од продукцијата, па се до приготвувањето на храната ќе се погрижел тимот на Стинг.

Во Скопје тој ќе пристигне со приватен авион и на денот на концертот, а е предвидено на гости да ни остане еден ден, додека неговиот тим со неколку шлепери ќе пристигне малку порано. Од домаќините на Стинг било побарано голем простор за настап, чисти гардероби и високо ниво на безбедност, се останато си е обврска на неговиот тим составен од дваесетина луѓе. Тие доаѓаат со сопствена кујна во која ќе се приготвува храната за целата екипа, како и комплетна продукција. Сите останати детали и евентуални желби на Стинг ќе бидат познати на 15 откако ќе пристигне во Скопје.

Турнејата на Стинг стартуваше во февруари годинава, и со неа се опфатени сите континенти, а освен темите од новиот материјал, ги свири и најголемите хитови од неговата соло кариера: „Fragile", „Desert Rose", „Fields of Gold"..., како и некои од оние од времето на легендарните The Police: „Message in the bottle", „Walking on the moon", „Every breath you take"... Интересно е дека со него на сцената се Dominic Miller (гитара), Josh Freese (тапани), Rufus Miller (гитара), а како специјален гостин во Скопје, како и на целата турнеја, со свое шоу ќе настапи и неговиот син Joe Sumner.

Организатори на концертот, кој влегува во историјата како рекордно распродаден настан на домашен терен, односно за нецели 10 часа, се Авалон продукција.
А.Т.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари