24-ЧАСОВНА АКЦИЈА ЗА ПОМОШ НА НАСТРАДАНИТЕ ВО АЗИЈА

Скопјани ја подадоа раката на солидарноста

Во саботата, со голема хуманитарна акција, чиј организатор беше градот Скопје и голем број организации, здруженија, компании, агенции и хумани граѓани, се одржа Денот на солидарноста за настраданите од цунами. Во текот на 24 часа, на повеќе пунктови во Скопје, но и во цела Македонија, се одвиваше добротворна акција, со цел да се соберат што повеќе средства за жртвите на катастрофата во Југоситочна Азија. Најпрво на 15 јануари, во 00.00 часот во МРТВ стартуваше отворениот - ТВ Канал на солидарноста, а беше отворена и заедничка телефонска линија на "Мобимак", "Македонски телкомуникации" и "Космофон", на која граѓаните со едно јавување на бројот 0590-22-330, донираа по 50 денари. Во текот на претпладнето, во отворената ТВ-програма, во чија реализација зедоа учество претставници на повеќе електронски медиуми, продефилираа многу познати естрадни личности, кои одговараа на многубројните повици на граѓаните. Во студиото беа: Симон Трпчевски, Виолета Томовска, Есма, Калиопи, Васил Зафирчев, Тоше Проески, Адријан Гаџа, Тамара, членовите на групата Синтезис, Цветанка Ласкова, Александра Пилева, Цеки, Мартин Вучиќ, ексклузивците на М2 продукција: Елена Ристевска, Александра Пилева, Фор плеј... Во 12.30 ч. на плоштадот "Македонија" посетителите се забавуваа со настапите на познатите естрадни личности, хорот "Златно славејче", Мандолинскиот оркестар и повеќе културно-уметнички друштва. Во импровизираните куќички се продаваа маици со потпис на нашите најголеми ѕвезди, капи, ЦД-а, храна, а целиот приход беше наменет за помошта на жртвите во Азија. Околу 17 ч. во живо во МРТ почна аукцијата на омилените предмети, гардероба, накит, слики, книги на познатите личности, а купувачите парите ги донираа во Црвениот крст на Македонија. Денот на солидарноста кулминираше во вечерните часови, кога и покрај студеното време се собра повеќеилјадна публика на плоштадот да го проследи настапот на мак-ѕвездите, кои апелираа до посетителите и гледачите да го завртат бројот на солидарноста: младите ѕвезди на М2 , Бени Шакири, Ѓорѓи Крстевски, Фани, Маја Саздановска, Ламбе Аламбаковски, Искра Трпева, Марјан Стојановски, групата "Морал"...Забавата заврши на полноќ, кога неофицијално беа соопштени и резултатите за собраната сума пари од претставниците на Црвениот крст. Беше соопштено дека се собрани 4.000.000 денари од македонските граѓани за жртвите на цунами. Со тоа скопјани и цела Македонија им дадоа огромна поддршка и помош на народите во Југоситочна Азија, да ги пребродат последиците на една од најголемите катастрофи што досега се случила на нашата планета.
(М.Т.А.) Фото: Дарко Андоновски

Поврзани

Најнови вести

Коментари