ФАНТАСТИЧНА ПЕСНА И СПОТ СО ХУМАНА ЦЕЛ

Сите сме нивни деца!

Мирна старост е една од најубавите работи што може да се случи во животот. Но, за оние на кои староста им е повеќе осаменичка во старски домови, дел од македонските музички ѕвезди посветија преубава песна. Мајсторот за химни, докажаниот Александар Митевски, е потписник на музиката, текст и аранжман, а во песната освен него пеат и: Тоше Проески, Дарио, Бени Шаќири, Тамара Тодевска, Биба Додевска, Маја Гроздановска - Панчева и Кристина Арнаудова. Миди оркестрацијата е на Далибор Грубачевиќ, мастерингот е на "Масив мастеринг"- Америка. Сето ова перфектно го визуелизира продукцијата на режисерот Чедо Поповски, "Аксон", преку спот снимен во Драмскиот театар, во кој главни ѕвезди се чичко Аце и тетка Лепа, од старскиот дом. Вчера, во "Александар палас", сето ова беше промовирано пред новинарите. Оваа песна е дел од хуманата акција на "Космофон" и Црвениот крст на Град Скопје во соработка со "Космофон", која се одвива под мотото- "Да им помогнеме на старите лица". Акцијата ќе биде проследена со голема медиумска кампања со цел граѓаните активно да се вклучат и да донираат средства, наменети за домовите за стари лица во Македонија. Акцијата предвидува повеќе начини за донирање - за своите корисници, "Космофон" го отвори специјалниот број за донации 075 140 100 на кој со повик или испраќање СМС се донираат 50 денари. Со купувањето на цедето се донираат 80 денари. Црвениот крст на Град Скопје ја отвори жиро-сметката 370011200059341, депонент "Еуростандард банка", на која сите хуманитарни граѓани имаат можност да донираат средства, директно на сметката или преку специјалните вредносни ваучери кои ќе ги дистрибуираат активистите на Црвениот крст. Музичкото ЦД со песната "Сите сме нивни деца" ќе биде во продажба во сите продавници на "Космофон" низ републикава по симболична цена од 80 дена. Како дел од кампањата, на 29 мај 2005 година, во Универзалната сала ќе биде одржан голем хуманитарен концерт на кој во живо ќе настапат сите пејачи-изведувачи на песната со дел од својот репертоар. Цената на влезниците не е утврдена, но ќе изнесува од 200 до 300 денари. Средствата ќе бидат наменети за подобрување на условите во домовите за стари лица во Македонија.
(Ва.Ѓ.)Фото: Влатко Перковски

Поврзани

Најнови вести

Коментари