logo
logo
logo

СЕЌАВАЊЕ НА ЛЕГЕНДАТА: 45 години од смртта на Никола Бадев

Vecer | 25.09.2021

СЕЌАВАЊЕ НА ЛЕГЕНДАТА: 45 години од смртта на Никола Бадев

Кавадарци денеска одбележува четириесет и пет години од смртта на Никола Бадев.

– На 25 септември 1976 година во Скопје почина Никола Бадев, бардот на македонската народна песна. Бадев бил роден на 8 август 1918 година во село Глишиќ, денес приградска населба на Кавадарци. На 10-годишна возраст започнал скришум да свири виолина. Во неговата почетна музичка наобразба, многу му помогнал неговиот вујко Васил Неделков, кој самоуко свирел неколку музички инструменти, потсети историчарот Петре Камчевски.

Уште како млад го сакал спортот, особено фудбалот.

– Во ФК ,,Југославија” играл десно крило. Никола се оженил многу млад, а во бракот со сопругата Милка имал три деца. Веднаш потоа заминал на отслужување на воениот рок, каде го затекнала Втората светска војна. Во септември 1944 година се вклучил во редовите на НО војска, во Втората македонска ударна бригада, рече Камчевски.

По војната, Бадев завршил курс за медицински техничари и работел во Кавадарци како санитарен инспектор – хигиеничар.

– Со својот пријатен мелозвучен глас, Никола веќе бил познат во Кавадарци и многумина барале да им пее на многу свадби и веселби. Во 1948 година, Нилола Бадев победил на Фолклорниот фестивал во Скопје. По препорака на многу негови другари, заминал во главниот град. Во почетокот на неговата музичка кариера, многу му помогнал Васил Хаџи Манов, кој во тоа време работел како музички уредник во Радио Скопје, додаде Камчевски.

Својата прва грамофонска плоча, Бадев ја снимил во 1952 година за ,,Југотон”. Тоа била песната ,,Тешка беше нашата разделба”.

– Во текот на неговата долга и успешна музичка кариера, има снимено повеќе од 400 песни и голем број грамофонски плочи. Тој реализирал голем број на концерти и турнеи во Југославија, САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд и слично. Никола Бадев е исклучителна појава помеѓу големиот број на исполнители на македонски народни песни, но никој како него не го долови вистинскиот дух и мелос на македонската изворна народна песна. Со неговото вклучување во ансамблот на Радио Скопје му се овозможи на овој народен пејач, да го изгради и култивира неговиот исклучителен глас. Во ова нешто многу му помогнале етномузикологот Васил Хаџи Манов и Живко Фирфов, со што успеа да ги афирмира и да ги издигне, до највисок степен, изворната македонска народна песна и мелос, потсети Камчевски.

Да се потсетиме на прекрасниот глас на Бадев:

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=31M4WBLK_gw[/embed]

адс

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=rNlJi9A1jo4&ab_channel=onostoostade[/embed]

ад

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=o5doVWMHQcI&ab_channel=onostoostade[/embed]

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk