Пролетта доаѓа со Бикини Мун: македонска премиера на најновиот филм на Милчо Манчевски

На 22 март со почеток во 20 часот во кино Милениум ќе биде премиерата на „Бикини Мун“, најновиот американски филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Филмот продолжува на редовниот репертоар на киното уште истата вечер од 22 часот. Билетите за филмот се пуштаат во продажба од среда 14 март. Во меѓувреме, „Бикини Мун“ почна да се прикажува на повеќе светски фестивали. Светската премиера беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија.

Неодамна, на 38. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, филмот на Манчевски ја освои специјалната награда од жирито.„Бикини Мун“ вчера беше премиерно прикажан и на Меѓународниот филмски фестивал во Софија, Бугарија, во програмата „Мастери“, а пред тоа и на ФЕСТ во Белград. Деновиве следуваат фестивалите во Сарасота (Флорида), во Истанбул, Филмскиот Фестивал Менхетен (Њујорк), во Франкфурт (Германија) и Нешвил во мај. Оваа модерна мрачна бајка на Манчевски говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на Бикини Мун е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана.

Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување – нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија. Филмот е во целост сниман на локации во Њујорк. Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите досегашни филмски проекти на Манчевски. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствен Македонец во филмската екипа, покрај режисерот е композиторот на музиката – Игор Василев Новоградска.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари