logo
logo
logo

ЕМОТИВНА ИСПОВЕД:

Пејачката Адријана АЦЕВСКА за борбата со АНКСИОЗНОСТА: КОЛЕГИТЕ МЕ ПОКРИВАА ДОДЕКА СЕ БОРЕВ ЗА ВОЗДУХ!

Vecer | 15.03.2023

Пејачката Адријана АЦЕВСКА за борбата со АНКСИОЗНОСТА: КОЛЕГИТЕ МЕ ПОКРИВАА ДОДЕКА СЕ БОРЕВ ЗА ВОЗДУХ!

Во месецот на жената честопати се потенцираат правата на дамите, успешноста, достигнувањата..., но не, денес тоа нема да биде нашата тема и цел. Ретко која дама сака и може да си ја отвори душата и јавно да зборува за проблемите или проблем со кој се соочува. Фолк-пејачката Адријана Ацевска реши да истапи во јавноста и не само пред светот, туку и пред себе јавно да проговори за она што ја измачуваше во изминатиот период.

Многупати не е лесно да си признаеш нешто ниту во себе, а камоли гласно... Адријана не само што признава, реши и да зборува, да си ја отвори душата и на сите кои го имаат истиот проблем да им каже дека не се сами, дека има решение и дека вербата во себе и желбата да се биде подобра верзија од себе треба да бидат мотив да се продолжи напред.

 

Јавноста те познава како секогаш насмеана и позитивна девојка, оставаш впечаток на силна личност подготвена да се носи со сѐ и да застане против сите, а всушност малкумина знаат дека тоа е само сликата за јавноста, а уште помалку дека во изминатиов период се соочуваше со една ситуација која, би рекла, малку повеќе ти ја наруши животната рамнотежа...

Адријана: Знаеш како, често знам да кажам дека ние уметниците имаме две маски, две лица - баш како оние театарските – насмеано и тажно лице. И целта е да, да бидеме оние кои ја пренесуваат својата позитивна енергија и ги прават среќни оние кои дошле да заборават на своите проблеми... И со оглед на тоа колку животот и работата ми се стресни можеби и некаде длабоко во мене знаев дека ќе дојде момент кога сето она што се собирало во мене ќе избие. И еве веќе подолго време водам битка со анксиозноста и паничните напади.

 

Кога прв пат почувствува дека си немоќна и не можеш да продолжиш сама, кога реши дека е време да побараш повеќе од пријателски совет, рамо за плачење или другарско стискање рака?

Адријана: Анксиозноста е чувство како да си исплашен и уморен во исто време. Се плашиш дека што и да направиш нема да биде успешно, а немаш желба да бидеш продуктивен. Сакаш да имаш пријатели, а не сакаш да си меѓу луѓе. Сакаш да бидеш сам, а не сакаш да си осамен. Ова е слика дека веќе ти треба помош.

Што е она што го научи за време на разговорите со психологот?

Адријана: Сега знам дека стравот ја предизвикува анксиозноста. Дека е вистинско време да престанам да си ги слушам мислите и секоја желба да си ја поставам како цел и да не запирам додека не ја остварам.

Велат дека најлошата фраза што може да ја чуе оној кој има паничен напад е „Не паничи...“,

Адријана: Напротив, не паничи или не плаши се, ништо не ти е – кај мене, на почетокот во многу наврати делуваше позитивно за денес да ми премине во пракса гласно да си го изговарам секогаш кога ќе почувствувам потреба.

 

И ПОКРАЈ СИТЕ ПРОБЛЕМИ ОСТАНУВАВ ПРОФЕСИОНАЛЕЦ

 

Анксиозноста не е „расипан заб кој се поправа или вади и проблемот е решен“, не е нешто што исчезнува преку ноќ, но е нешто кое може да се контролира, како успеваш да ги надминеш оние ситуации на паничен страв кои знаеја да ти се појават и за време на настапите?

Адријана: Точно така, паничните напади не доаѓаат со предупредување. На почетокот ниту самата не бев свесна што ми се случува. И покрај тие проблеми останав професионалец во својата работа и не дозволив никој да забележи освен колегите кои веќе знаеја за мојот проблем... Одев до тоалет... се борев за воздух и останував таму сѐ додека не си дојдев на себе за кога ќе се вратам да продолжам таму каде што сум застанала, во тие моменти не знаејќи што ми се случува. Во тие моменти бев и хипохондрик и во мојата глава боледував од сите болести на кои ќе се сетев во моментот за на крај да се покаже дека сѐ е само еден обичен паничен напад кој денес добро знам да го контролирам со коцка мраз и длабоко дишење.

Да се зборува јавно за проблем кај нас порано не беше практика, но подучени од примерите ширум светот и домашните јавни личности почнаа гласно да кажуваат за проблеми, она што ги мачи... да покажуваат дека сепак и тие се само луѓе... Впрочем, и сама велиш дека најмногу ти помогнале луѓето кои не ги познаваш, кои тоа го правеле несвесно...   

Адријана: За некој да го надмине проблемот прво треба да признае дека го има и да се соочи со истиот. Ова е веќе проблем на денешницата и ние како јавни личности сме само гласници кои ја покажуваат потребата од јавно зборување. Кои покажуваат дека не е срамота, па можеби некому во тој момент му е потребно да знае дека не е сам. На моја среќа имаше моменти кога се чувствував најлошо, а за публиката која не го знаеше мојот проблем изгледав најубаво и тие не беа свесни колку пати со само еден убав збор ми даваа сила да не се откажувам.

 

НЕ МОРА ДА СИ ДОБАР ЗА ДРУГИТЕ, ТУКУ ЗА СЕБЕ

 

Дали можеби во овој период научи повеќе да се сакаш себеси и што е она што почна правиш само за себе?

Адријана: Да, научив дека не мораш да бидеш најдобар за другите, најдобар работник или во топ форма и онака малумина ќе се сетат на доброто што си го направил. Никогаш не заборавај на себе, прави го она што те прави среќен, шетај, патувај, оди во кино, спиј и САКАЈ СЕ! Животот брзо поминува и некогаш не ни дава втора шанса.

Пред да се договориме да го направиме интервјуто неколкупати те слушнав како велиш 'Зошто јас?' Можеби е неблагодарно да те прашам или ова да звучи како совет – но нели мислиш дека и ти имаш право, иако си јавна личност, да бидеш и среќна, да имаш и проблем... и дека тоа треба да ти е само тебе важно и никому друг!? На крајот на краиштата секој гази во сопствените чевли...

Адријана: Секако дека имам право само што раската во моето око е поголема од гредата во окото на другиот. И жално е што пред да осудуваш, пред да критикуваш и го донесеш својот заклучок за нечиј живот, за тоа што тој направил, како стигнал до некоја цел или начинот на живот, всушност само мислиш дека знаеш нешто... А само еден ја знае вистината, БОГ!

Адријана ти благодарам што реши да зборуваш јавно, споделена радост е поголема радост, споделена мака е помала мака, драго ми е ако успеав да ти го разубавам денот, а уште подраго ќе ми е ако со твојата исповед успееме да помогнеме некому, макар и да го натераме да седне да размисли дека не е сам, дека неговиот проблем не е најголем и единствен и дека ако си го поставува прашањето „зошто јас“ на него може да најде одговор.

(А.Т.)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk