Со големо воодушевување од неговите верни обожаватели дочекана е вест дека Брус Спрингстин им се враќа на настапите на Бродвеј, но забавата ќе е можна само за одредени луѓе.

Сите обожаватели на Спрингстин доколку купиле билети, истите нема да можат да ги искористат ако се вакцинирани со „АстраЗенека“, бидејќи таа вакцина сè уште не е официјално одбрена од „Американската агенција за храна и лекови“.

Концертите во театарот „Сент Џејмс“ на Бродвеј ќе се одржуваат од 26 јуни сè до 4 септември, а на службената страница на пејачот има и бројни упатства, како и протоколи поврзани за вакцинирањето, вклучително и она дека сите кои сакаат да го гледаат Спрингстин во живо ќе морат да ги примат сите дози вакцини и тоа само оние кои ги одобрила „Американската агенција за храна и лекови“.

Па така постојат критериуми во кои спаѓаат и ограничувањата, дека на концерт може да влезе само личност која ја примила втората доза од „Фајзер-Бионтек“ или „Модерна“, најмалку 14 дена претходно или ако исто толку време претходно се вакцинирал со „Џонсон и Џонсон“ вакцина.

Во објавата на службената страница на Брус Спрингстин исто така се наведува дека децата под 16 години мораат да имаат негативен антигенски тест направен шест часа пред концертот или негативен брис од нос не постар од 72 часа.