КАЛИОПИ:

Немаше да одам пак на Евровизија да не прифатеше и Ромео!

Да го повториме успехот на "Црно и бело" навистина ќе ни биде доволно. Знам дека во Стокхолм ќе пеам на македонски, затоа што токму "Црно и бело" докажа дека нема потреба да се пее на друг јазик, вели Калиопи.

МРТ реши на Евровизија во Стокхолм патува Калиопи! Евровизиското претставување во мај во Шведска на Калиопи ќе и биде второ, а и во овој обид таа среќата ќе си ја проба со веќе проверена екипа, односно и овојпат зад неа како автор ќе застане Ромео Грил. И "Црно и бело" песната со која Калиопи влезе во финалето во 2012 година беше со потписот на стариот соработник и поранешен сопруг на пејачката. Песната на јавноста треба да и биде претставена во февруари следната година, на истиот начин како и "Црно и бело", односно во телевизиско шоу.

Морам да признаам дека возбудата е голема и сега можам да ја почувствувам среќата бидејќи сум порастоварена и поопуштена од минатиот пат. Веќе ја имам поставено платформата. Дополнителен мотив ми се и реакциите на јавноста и евровизиските фанови кои се многу позитивни, тоа е навистина неверојатно. Кога се има позитивен одек тоа е дополнителен стимуланс", вели Калиопи за добиената втора можност да ја претставува земјата на престижното европско музичко натпреварување.

Вели дека овој пат знае оти ќе ужива како во настапот на големата сцена така и во подготовките, и е убедена оти сега ќе можат да бидат многу креативни.

Кога работиме со Ромео не размислуваме околу тоа да направиме хит, туку да направиме песна што ќе остане. Така беше и со "Црно и бело". Не правевме евровизиски хит, туку песна што ќе остане и го докажавме тоа", додава пејачката и вели дека воопшто нема да бидат под притисок на успехот на "Црно и бело", напротив, тоа ќе им биде уште поголем мотив.

"Да го повториме тој успех навистина ќе ни биде доволно. Знам дека ќе пеам на македонски затоа што токму "Црно и бело" докажа дека нема потреба да се пее на друг освен на мајчиниот јазик", вели Калиопи и признава дека доколку Ромео не прифател да учествува ќе одбиела и таа.

Морав да му ветам на Ромео дека веќе нема да учествувам на Еврвизија за да прифати да одиме уште еднаш. Друг автор не доаѓаше предвид затоа што нему бескрајно му верувам. Кога е тој во прашање нема потреба од грижи", додаде Калиопи, која во мај во Стокхолм по втор пат ќе ја претставува земјата на Евровизија.

Досега своето учество го потврдиле 42 земји, а настанот е закажан а 10, 12 и 14 мај во Ериксон Глоуб арената. Максималниот број на земји учеснички е 46, а интересно е што годинава освен тоа што повторно учествува Австралија, во игра по една година пауза пак е и Украина.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари