Дечките од „Ризница" во мисија:

Народната музика е доказ за нашето постоење и идентитет, но си треба и рок

Момците од музичката група „Ризница" која постои од 2016 година важат за големи познавачи, љубители и поддржувачи на македонската песна. Составена од шест членови оваа група зад себе веќе има еден одличен проект, каде преработија неколку стари народни и новокомпонирани наши, македонски песни и се посебно горди што на овој проект првенче соработуваа со Милица Кузмановска и Мајкл Карадаковски.

Меѓутоа интересно за оваа музичка група е тоа што веќе најавуваат и нов проект со преработка на рок песни кои веќе подолго време ги подготвуваат на нивните проби.

- Секако дека народната музика, што всушност е доказ за нашето постоење и идентитет, ни е во преден план, но освен оние традиционални шлагери кои ги слушаме на сите веселби и прослави, ние се трудиме да ги задоволиме и вкусовите на помладата публика, па освен народната, предизвик ни е и поп, поп рок, латино и други жанрови на музика. Затоа во вториот проект ќе се посветиме повеќе на рок музиката, велат од групата.

„Ризница" ја сочинуваат: Оливер Младеновски-вокал, Стефан Стефаноски-бас клавијатури, Иван Кутев- хармоника и перкусии, Кире Павловски-соло клавијатура, Александар Кутев-гитара и вокал, Ванчо Силјановски-тапани. Момците се во преговори со некои реномирани домашни композитори за подготовка и на една авторска песна.

Поврзани

Најнови вести

Коментари