logo
logo
logo

МУ ОТКАЖАА КОНЦЕРТИ заради неговите ставови ЗА ВОЈНАТА во Украина

Vecer | 26.09.2022

МУ ОТКАЖАА КОНЦЕРТИ заради неговите ставови ЗА ВОЈНАТА во Украина

Коосновачот на Пинк Флојд, Роџер Вотерс, ги откажал концертите планирани во Полска поради гневот предизвикан од неговиот став за војната во Украина, објавија полските медиуми. Сепак, музичарот тврди дека е жртва на цензура. 

Претставник на арената Таурон во Краков, каде што музичарот требаше да одржи два концерта во април 2023 година, изјави дека тие нема да се одржат. 

„Менаџерот на Роџер Вотерс одлучи да се повлече – без да наведе причина“, рече Лукаш Питко од Таурон. 

Концертите во Краков, претходно закажани за 21 и 22 април, повеќе не се наведени на веб-страницата на турнејата на Вотерс „This Is Not a Drill“. Градските советници на Краков се очекува следната недела да гласаат за предлогот Вотерс да се направи персона нон грата, изразувајќи „гнев“ од ставот на музичарот за војната во Украина. 

Го обвини НАТО дека ја провоцира Русија 

Сепак, Вотерс ги демантира тврдењата на Питко и тврди дека ниту тој ниту неговата управа не ги откажале претстојните настапи во Краков. 

„Точно е дека градскиот советник на Краков, г-дин Лукаш Вантух, се закани дека ќе одржи состанок барајќи од советот да ме прогласи за „персона нон грата“ поради моите јавни напори да ги охрабрам сите вклучени во катастрофалната војна во Украина, особено Владата на САД и Русија, да работат на мировни преговори, наместо работите да ескалираат кон горчливиот крај што може да биде нуклеарна војна и крај на животот на оваа планета“, рече тој во изјавата. 

На почетокот на овој месец, Вотерс напиша отворено писмо до првата дама на Украина Олена Зеленска во кое ги обвини „екстремните националисти“ во Украина за „доведувањето на таа земја на патот на оваа катастрофална војна“. 

Како што пишува британски Гардијан, 79-годишниот музичар го критикуваше и Западот дека ја снабдува Украина со оружје, а особено го обвини Вашингтон. Вотерс го осуди и НАТО, обвинувајќи го дека ја провоцира Русија. 

Ова не е прв пат британскиот кантавтор да го искаже својот став за меѓународната политика. Така, во 2019 година, тој критикуваше хуманитарен концерт во стилот на Live Aid, кој се користеше за собирање помош за Венецуела, тврдејќи дека тоа е обид на оние кои ги поддржуваат САД да ја оцрнат социјалистичката влада на таа земја. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk