logo
logo
logo

„Меморија со „Дирлада“ најавија добро дружење, песна, музика и забава

Vecer | 25.05.2022

„Меморија со „Дирлада“ најавија добро дружење, песна, музика и забава

Денес, 25 мај, некогашниот Ден на младоста, не случајно симболично беше одбран за втората и последна прес- конференција на групата „Меморија“, на која беа соопштени сите детали за концертениот спектакал под отворено небо закажан на 11 јуни на стадионот на АРМ во Градскиот парк во Скопје. Замислен како голема заедничка „рок ен рол матурска забава на генарациите“, концертот ќе биде сплет од теми на бендот, но и на низата специјални гости.

Заедничката „рок ен рол матура“ на „Меморија“ ќе ја отвори младата група „2ВЕ“ која како предгрупа за загревање ќе свири познати македонски рок хитови. Ним на сцената ќе им се придружи и повратникот од Америка, некогаш многу популарниот Ламбе Алабакоски кој се врати да живее во родната  Македонија, а со тоа и на музичката сцена.

Специјалните гости кои беа најавени ќе бидат распоредени во одреден дел на шоуто, а тие со своите настапи ќе ја збогатат програмата и ќе го разиграат музичкиот колорит на концертот изведувајќи ги своите најголеми хитови.

Групата „Морал“ како едни од гостите ќе отпатуваат назад во времето за публиката да ја потсетат на некои од нивните најгиолеми хитови. Секако, во спомен на некогашниот нивни вокал, прерано заминатиот Влатко Илиевски, чии вокални делници за оваа прилика ќе ги преземе Ристо Самарџиев.

„Конкорд“ беа и останаа македонска рок историја, а „Високи штикли и црни чорапи“, е песна која остана рок евергрин што се свири и пее и денес на секоја клубска рок свирка. Венко Серафимов, лидерот и гитарист на култниот рок бенд заедно со членовите на „Меморија“ веќе е на пробите, а пејачот на „Конкорд“, Сеад Јакупи, кој со години живее и работи во Германија преку видеопорака го најави своето доаѓање во Македонија

„Некст тајм“ се деца од најновата рок генерација иако и тие веќе доволно долго се на сцената. Близнаците Стефан и Мартин Филиповски како дел од големиот рок спектакл под отворено небо, со својата изведба на една од нивните феноменални фолклорни преработки на македонски изворни песни, таа вечер ќе го вдахнат одново патриотскиот дух кај публиката, за уште повеќе да го разгорат оној „Оган под ѕвездите“ што „Меморија“ го запали пред речиси 33 години.

„Ласт Експдишн“ беа своевремено предгрупа на првиот концерт на „Меморија“ во тогашниот Дом на млади „25 Мај“, денешен МКЦ во Скопје. Подоцна прераснаа во висински рок ен рол магови на македонската сцена, за денес со триесет и кусургодишна кариера да се култен бенд. Браќата Енко и Сецко Хаџиќ – вистински рок „шефови“, кои на рок спектаклот на „Меморија“ ќе ја потсетат повозрасната публика на тие денови, за помладите да видат дека она што  било вредност некогаш, останува – засекогаш!

На пресот лидерот на бендот Петар Георгиевски-Камиказа соопшти уште еден убав детаљ, односно дека за прв пат на еден концерт во Македонија се подготвува посебна трибина, односно платформа за лицата со телесни инвалидитети и попречености, за да можат и тие на достоен начин од потребното ниво да го следат концертот. Реализацијата на целата иницијатива покрај членовите на бендот, односно организаторот, ја презема здружението „Мобилност“, чии преставници се заблагодарија на идејата и иницијативата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk