Македонскиот претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев не се пласираше во финалето.

На вчерашната прва полуфинална вечер беа одбрани првите 10 финалисти – Норвешка, Израел, Русија, Азербејџан, Малта, Литванија, Кипар, Шведска, Белгија, Украина. Покрај македонскиот претставник, во финалната вечер нема да настапат ниту Словенија, ниту Хрватска.

– Добивме фантастични коментари, дека Македонија е претставена на највисоко ниво. Откако заврши гласањето, сите се согласија дека Васил заслужуваше да влезе во финалето. Јас му благодарам што беше толку професионален и што толку многу се вложи. Чекаше цела година и веднаш се даде во акција – веруваше во себе, во песната и ја доби апсолутната поддршка, изјави во Утрински брифинг Александра Јовановска, шеф на македонската делегација во Ротердам.

– Средно објективна слика се добива од гласањето на крајот. Но, подетално може да се анализира откако ќе ги добиеме резултатите, во сабота. Може да се анализира, но станува сѐ потешко да се предвиди кој ќе оди во финалето, вели Јовановска.