ПОЗНАТИ СИТЕ ДЕТАЛИ ЗА ЕВРОВИЗИСКАТА ПЕСНА ЗА 2017

Јана во Киев ќе танцува сама!

Стигна долгоочекуваната премиера на песната со која Јана Бурческа ќе нè претставува на 62. издание на „Евровизија" што ќе се одржува од 9 до 11 мај во Киев. Според она што имавме можност да го видиме и слушнеме во специјалното издание на емисијата „Стисни плеј", евровизискиот пакет е навистина со светски квалитет, а песната насловена „Dance Alone" веднаш влегува во уво и сигурни сме дека ќе им биде една од омилените на евровизиските фанови.

Како што е познато, и годинава автори од целиот свет имаа можност да ги праќаат своите композиции во МРТ, на чија адреса пристигнаа над 250 песни. После преслушувањето, во потесен избор влегле само 10, но како што вели шефицата на македонската делегација, Мери Попова, „Dance Alone" веднаш им оставила најсилен впечаток, а што е уште поважно, одлично ѝ прилега на Јана.

„Dance Alone" е дело на доста познат меѓународен авторски тим, кој твори под името „Симфоникс интернејшнал", а интересно е тоа што еден од нив е и авторот на нашата евровизиска песна од 2014 година („Лисја есенски", Даниел Кајмакоски), Швеѓанецот Јоаким Персон. Песната се снимаше во градови ширум целиот свет, меѓу кои Лондон и Њујорјк, а мастерингот е направен во Берлин. Визуализацијата на „Dance Alone", пак, се снимаше во познатиот филмски град во Софија, соседна Бугарија, во режија на младиот руски режисер Сергеј Железко.

Секако, дека „Евровизија" не би била тоа што е без спектакуларните сценски настапи, а за сето тоа Јана ќе се подготвува со шведската кореографка Амбра Сучи, која е „виновна" и за победничката „Еуфорија" на Лорин во 2012 година. За изгледот на Јана, пак, ќе се погрижат веќе докажаната македонска дизајнерка Антонија Ристовска и стилистот Александар Билјановски – Дадар, додека за промотивните фотографии се погрижија Ани и Дими. Во наредниов период ќе следуваат финалните подготовки за Киев, како и промотивна турнеја, во чии рамки Јана ќе настапи во Лондон, Тел Авив и Амстердам. Годинешното евровизиско патешествие за македонската делегација започнува на 1 мај, а Јана ќе „танцува сама" во втората полуфинална вечер на 9 мај. Среќно!

Поврзани

Најнови вести

Коментари