Хотелскa киномагија – „Хотел Југославија“ и „Хотел Гагарин“ на „Синедејс“

Избери си „хотел“, чаша вино и уживај во кино, ова е мотото на специјалните проекции на филмовите „Хотел Југославија“ и „Хотел Гагарин“ што денеска во 17 часот ќе бидат организирани во киното „Фросина“, во рамките на фестивалот „Синедејс“. Двата филма се со слободен влез, а ги дистрибуира „Катавеј“ од Скопје. За публиката следуваат изненадувања.

Документарниот филм „Хотел Југославија“ во режија на Никола Вањиер од Швајцарија е патување низ времето и просторот на зградата. Режисерот, кој е Југословен по мајка, но роден во Швајцарија, ја истражува колективната потсвест, како и делови на сопствениот идентитет.

Изграден во Нов Белград во 1969 година, хотелот „Југославија“ беше митско место. Тој беше и симбол и сведок на разните моменти што ја обликуваа поранешна Југославија: од Тито до Милошевиќ, од социјализам до национализам, од бомбардирањата на НАТО до корумпиран економски либерализам. Денес, тој сè уште го прогонува белградскиот пејзаж, како одраз на едно српско општество во потрага по нови достигнувања.

Филмот е претставен на многу фестивали: Сао Пауло, Берлин, Меѓународниот фестивал на документарни филмови во Тајван и други.

Во истиот термин, во салата на Џебното кино во Младинскиот културен центар ќе биде прикажан италијанскиот филм „Хотел Гагарин“ (2018) во режија на Симоне Спада.

Петмина Италијанци без скршена пара што ја чекаат својата голема шанса се испратени да снимат филм во Ерменија. Но, кога ќе пристигнат таму, избувнува војна и нивниот нечесен продуцент исчезнува со парите. Додека седат напуштени во хотелот „Гагарин“, кој се наоѓа длабоко во шумата и затрупан под снег, наоѓаат оригинална и неочекувана можност за незаборавна среќа. Продуцентот на филмот бил номиниран за наградата на Италијанскиот национален синдикат на филмски новинари.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари