Му тргна со соработките

Ѓоко Ѓорчев ќе снима дует и со пејачка од Грција

На македонскиот Том Џонс, како што го нарекуваат Ѓоко Ѓорчев, му тргна со дуетите, па по оние со Кристина Палија и Славица Галиќ-Петровска пејачот ќе снима и со Гркинката Елизабет Христу. Пејачите се запознале на неодамна одржаниот Охрид фест, а дуетот се снима на иницијатива на Григор Копров кој откако ги видел нивните настапи сфатил дека „тука има нешто".

„Девојката имаше неверојатен, светски настап на сцената во Охрид. Пленеше со глас, стас, но и со харизма, и заслужено ги освои највисоките награди. Веднаш по врачувањето на наградите, кога дојде позади сцена, целата возбудена и расплакана од среќа и честитав. Таа ме прегрна, плачеше од радост, а откако малку се смири од првичната возбуда, ми рече – 'Ах, па ти си копија на Том Џонс! Твојот глас е неверојатен'", вели Ѓорчев за првата средба со Христу и уште додава дека кога му се јавил неговиот долгогодишен соработник и пријател Копров и му понудил дует со Гркинката, без двоумење прифатил со оглед на тоа дека периодов работи и на албум со дуети.

„Се уште ги прецизираме деталите околу песната, уште не сме одлучиле дали ќе се пее на македонски или грчки јазик или, пак, некој стих ќе биде отпеан на нашиот, а некој на грчки јазик. Но тоа и не ни е многу важно, затоа што за музиката и општо за уметноста не треба да постојат граници", вели Ѓорчев.

Пејачот интензивно се подготвува i за турнејата низ земјава, која официјално почнува со концертот во Гевгелија, на 27 октомври. Неговиот седми по ред албум, пак, треба да биде промовиран до крајот на годината.

Поврзани

Најнови вести

Коментари