Филмски осврт „Виа Карпатија“: Конформизмот, желката и мигрантите

Дебитанското долгометражно остварување „Виа Карпатија“ на режисерската двојка Клара Кочанска и Каспер Бајон, снимено во полско-чешко-македонска копродукција, вчеравечер беше прикажано во официјалната конкуренција на фестивалот „Синедејс“. Станува збор за приказна со едноставен наратив, интрига што вовлекува во „он д роуд“ авантура и сосема во трендот да се напушти мегаломанската филмска логика во интерес на независен и експериментален производ.

Како што и самиот режисер Бајон по проекцијата посочи, раскажувањето приказни преку филм во кои треба да се праќаат пораки не му е никаков предизвик, туку една провокација е доволна. Во случајов тој сакал да проговори за дискурсот на гледање од страна на Полјаците, кои мигрантската криза ја доживеале единствено сместени во топлите фотелји пред телевизорот. Така, одбира овој актуелен европски проблем да го види преку Пјотор и Јулија и нивното патување.

Камерата се движи речиси документаристички, лови детали што создаваат автентична атмосфера. Од кадарот што се повторува и го отсликува модерно и стерилно уредениот стан на брачниот пар Пјотр и Јулија, до благата тегобност во автомобилот со кој тие патуваат. А да биде нагласена иронијата на нивната празнина што лебди во воздухот, на патувањето го понесуваат и нивното милениче, желка. Од план за летување, патувањето ќе се насочи кон потрага по таткото на Пјотор, за кој мајка му верува дека е во бегалски камп некаде на југот на Европа. И тука повторно изненадување, наместо возбудливост што вообичаено имплицираат филмовите „он д роуд“, тука доминира здодевноста, излегува на површина нетрпеливоста меѓу сопружниците, проблемите што ги игнорираат во секојдневието.

И таткото нема да го најдат, ама сепак ќе пронајдат малку повеќе искреност во нивниот однос. Наспроти валканите кампови каде што се одигруваат животните судбини на мигрантите и нивната потрага по подобра материјална егзистенција, тие ќе се соочат со својот емотивен опстанок.

Контрастите, како можноста желката да има пасош, додека за истиот бегалците плаќаат илјадници евра, колективниот хаос во камповите наспроти привидниот мир и чистина во домот на сопружниците, топлината на југот во Грција и воздржаноста на менталитетот од север, се само суптилна драмска игра која умешно ја заокружува филмската идеја.

Оваа крајна непретенциозност на режисерите, едноставно изнесување на перцепција на нештата е клучниот шарм на „Виа Карпатија“.

Нискобуџетен или речиси без буџет, „Виа Карпатија“ занимавајќи се со здодевноста на ситуиран полски брачен пар што ќе ја напушти зоната на комфор и ќе замине на патување кон македонско-грчката граница, докажува дека и ако се оддалечиш од безбедната рамка што ја нудат скапите филмови може да се постигне ефект на успешен филм.

Европската премиера на „Виа Карпатија“ беше на фестивалот во Карлови Вари, а зад продукцијата од македонска страна се потпишани Владимир Анастасов и Ангела Несторовска, односно „Сектор филм“, од Полска Heaven’s Gate, Chimney Poland, Sound Mind, и Kijora Film од Чешка.
Улогите ги играат Јулија Кијовска (Julia Kijowska), Пјотр Боровски (Piotr Borowski), Бајрам Северан (Bajram Severdžan), Дорота Помикала (Dorota Pomykala).

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари