Филмот „Исцелител“ на филмски фестивал во Шангај

Филмот „Исцелител“ ќе се прикажува на 21. издание на филмскиот фестивал во Шангај. Ова ќе биде трето прикажување на „Исцелител“ на фестивал од А-категорија, покрај прикажувањата на „Црни ноќи“ во Талин, Естонија, и на интернационалниот филмски фестивал во Гоа, Индија. На фестивалот во Шангај филмот ќе се прикаже во ревијалната програма „Спектрум“, која е дел од интернационалната филмска панорама на фестивалот. „Исцелител“ ќе има три прикажувања на фестивалот во Шангај, на 18, 22 и на 24 јуни.

Оваа година на фестивалот во Шангај, освен „Исцелител“, ќе се прикажува и уште еден македонски филм, „Година на мајмунот“, на режисерот Владимир Блажевски. Фестивалот во Шангај е основан 1993 година и е еден од најголемите филмски настани во Азија. Тој е единствен фестивал во Кина кој е дел од престижната А-категорија на фестивали акредитирани од светската организација ФАПФ. Фестивалот е посветен на градење меѓународна платформа за професионалци и запознавање на кинеската јавност со најновите филмски остварувања.

Десетдневниот филмски фестивал беше отворен на 16 јуни со кинескиот филм „Светот на животните“ на режисерот Јан Хан, во кој Мајкл Даглас ја игра главната улога. На црвениот тепих се појавија многубројни светски и кинески филмски ѕвезди, меѓу кои и актерите Николас Кејџ и Кристоф Валц, актерката Ли Бингбинг, унгарската режисерка Илдико Ењеди и други.

Изминативе денови „Исцелител“ ја доби наградата за филм од М.А.Н. – Македонски алтернативни награди. Ова е трета домашна награда за филмот, кој досега освои и 9 меѓународни награди, од кои 5 за најдобар филм, и учествуваше на 24 светски фестивали.

Во Македонија, „Исцелител“ досега се прикажа во кината во Скопје, Битола, Штип, Кочани, Кичево, Куманово, Прилеп, Св. Николе, Велес, Богданци, Гевглија и во Гостивар, каде што го гледаа приближно 14.000 гледачи. Филмот имаше и проекција под отворено небо во Градскиот парк во Скопје, на која имаше околу 8.000 гледачи. Од 18 до 20 јуни филмот ќе се прикажува во Центарот за култура во Неготино.
Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а другите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на „Фрагмент филм“ од Скопје.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари