Концертната агенција и продукција „3Гонга" со амбициозна најава

Брус Вилис и Лајонел Ричи во Скопје?!

Новата концертна агенција и продукција „3Гонга" од Скопје во соработка со ноќниот клуб Станица 26 најавува серија концертни настапи на звучни и препознатливи џез и блуз музичари не само од земјава, туку и светски етаблирани.

Првиот во низата закажани настапи е на 11 октомври кога на публиката ќе и се претстави македонскиот гитарист, текстописец и продуцент Дамир Пух, чиј настап воедно е и концертна промоција на неговиот нов албум. Веќе следната вечер, на 12 октомври, закажано е гостувањето на американскиот гитарски феномен Ерик Геилс, за кого светската критика симболично вели дека е музичка реинкарнација на Џими Хендрикс. За ноември, пак, од „3Гонга" ги најавуваат настапите на холандскиот гитарист Јан Акерман, нашиот брилијантен гитарист Дамјан Пејчиноски, миленикот на домашната пиблика Рамбо Амадеус, како и американскиот тапанар Денис Чемберс и нашиот гитарист Давид Нешкоски. И тоа не е се, зашто тројката која всушност стои зад „3Гонга", а со цел оживување на клупската џез сцена, најавува уште поспектакуларни имиња.

„Преговараме да го донесеме Брус Вилис во Скопје, во моментов тој е на турнеја со својот блуз бенд, тој свири одлично саксофон, а со музика се занимава пред да стане она што е денес. Лајнел Ричи и особено Кул Енд Д Генг се оние со кои израснавме. Лајнел Ричи 2018 година е на концертна турнеја на отворени сцени, простори. Кул Енд Д Генг, исто така, се на турнеја, но со друг пејач. Преговараме со Фред Весли кој е дел од легендарната група Д ЏејБис каде беше заедно со Џејмс Браун и Мејсио Паркер. Преговорите се во тек, да се надеваме дека овие големи ѕвезди Скопје ќе ги доживее", велат од „3Гонга".

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари